Градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, во знак на пријателство и го предаде клучот на Тирана на хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ.

– Ние ве чувствуваме како една од нас и во знак на огромна почит ви го предавам клучот на Тирана. Независно од тоа каде ќе ве однесе животот, како претседателка, како граѓанин, турист или само пријател кој повторно се враќа, вие ќе го имате клучот на Тирана, место каде секогаш сте добредојдена, изјави Велиај.

Заблагодарувајќи се за големата чест, Грабар-Китаровиќ искажала воодушевување од позитивната промена на Тирана.

-Воодушевена сум од промената што ја видов во Тирана. Од мојата прва посета во 1993 година, видов колку многу се променил градот, рече Китаровиќ.

На средбата двајцата соговорници размениле мислења околу можностите за унапредување на соработката меѓу Тирана и хрватски градови, како и размена на позитивни искуства. По средбата во „Паркот Европа“ на плоштадот „Скендербег“ во знак на пријателство со Китаровиќ засади дрвце.

Во придружба на претседателот Илир Мета беше и во посета на градот Круја, каде ја посети кулата која била седиште на Ѓерѓ Кастриот-Скендербег.

Претседателот Мета вчера ја одликува хрватската претседателка, Колинда Грабар-Китаровиќ, со највисокото признание во земјата, орден „национално знаме“, додека во градот Берат и беше врачено признанието „почесен граѓанин“.