Американскиот амбасадор во Албанија, Доналд Лу, побара од Тирана конкретни резултати во апсењето и казнувањето на „водачите на криминалот“.
Во обраќање на трибината „Силата на законот во акција: постигнувања и предизвици“, амбасадорот Лу ги критикуваше полицијата и обвинителството дека потфрлиле на овој план.
– Владата го прифати сериозниот предизвик со кој се соочува Албанија во борбата против организираниот криминал. Сакаме конкретни резултати, гонење и казнување на криминалците. Особено сакам да истакнам еден пример на неуспех на полицијата и обвинителството од пред две години, кога работевме на апсењето на некои членови на бандата на Клемент Балили. Тој е моќен шеф на организиран криминал со политички врски, но немаше способност или волја Балили да биде уапсен – рече Лу.
Наведувајќи неколку примери, како што е кривичната постапка против поранешниот министер за внатрешни работи Саимир Тахири и бившиот државен обвинител Адриатик Лала, Лу нагласи дека никој не може да биде над законот и оти САД очекуваат конкретни резултати.

– Апелирам до премиерот Еди Рама, до министерот за внатрешни работи Фатмир Џафај и до полицијата безмилосно да продолжат со борбата против организираниот криминал – порача американскиот дипломат.
Во ноември минатата година, амбасадорот Лу изјави дека САД очекуваат на почетокот на 2018 година „да има ВИП-апсења“ или, како што сликовито го дообјасни, „апсење големи риби вмешани во организиран криминал“, барајќи законот да важи еднакво за сите, пренесе МИА.