ЕУ планира на претстојниот самит на лидери да ја покрене т.н. „Патна карта“ што ќе ги одреди условите и целите за намалување на цените на роаминг меѓу ЕУ и Западен Балкан, пренесуваат медиумите во регионот.

Според нивните извештаи, по тој повод, европскиот комесар за проширување, Оливер Вархеи, денеска разговарал со претставниците на телеком операторите од регионот.

– Имав добри разговори со телекомуникациските оператори од регионот за тоа како да се постигне напредок во намалувањето на цените на роаминг и во рамките на Западен Балкан и во регионот со ЕУ. Подготвени сме да ги поддржиме инвестициите, така што ова ќе стане реалност – рече Вархеи на својот Твитер профил.

На самитот за ЕУ на Западен Балкан, како дел од дебатата за Економскиот и инвестицискиот план за регионот, една од темите ќе биде создавање услови и постепено намалување на цените на роаминг од земјите од Западен Балкан и ЕУ 27.

ЕУ го поздравува успешното спроведување на регионалниот договор за роаминг, што овозможи започнување на бесплатен роаминг меѓу земјите од Западен Балкан од 1 јули 2021 година.

Се додава дека намалувањето на цените за роаминг меѓу ЕУ и Западен Балкан ќе биде надградба на оваа регионална иницијатива.

Земјите-членки на ЕУ денеска се согласија за текстот на декларацијата со која лидерите на 27-те земји на ЕУ ќе ја потврдат својата едногласна поддршка за европската перспектива на Западен Балкан на самитот во Словенија, како и поддршка за процесот на проширување врз основа на кредибилни реформи на партнерот, пишува во извештаите на агенциите.