Шефовите на држави и влади на ЕУ и на земјите од Западен Балкан вчера одржаа видеосамит, на кој главна тема требаше да биде помошта за кризата од коронавирусот. Овој самит во Загреб нема да се фокусира на проширувањето кон регионот, објаснија европските дипломати, делумно поради санитарната криза, а делумно и поради тоа што проширувањето се третира во рамките на Советот за општи работи на ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

– На самитот на Европската Унија – Западен Балкан, меѓу другото, требаше да го одобрат економскиот и инвестициски план за регионот. Овој план е една од трите низи на новиот пристап што Европската комисија го разви за регионот, за да ги дополни првите два: ревидираната методологија за проширување на ЕУ, која комисијата ја изнесе во февруари за да го врати кредибилитетот на една од најважните политики на ЕУ, и одлуката за отворање на пристапните разговори со Албанија и со Северна Македонија, одобрена од лидерите на ЕУ во март, заедно со ревидираната методологија – се огласи вчера Оливер Вархеи еврокомесар за соседска политика и проширување.

Заедно ќе ја надминеме оваа криза и ќе излеземе од неа посилни: пандемијата на ковид-19 јасно потврди дека иднината на Западен Балкан е во Европската Унија. Направивме важни чекори оваа година и покрај пандемијата и треба да продолжиме да градиме на нив, за вистински обединет европски континент, напиша Оливер Вархеи.