Вандали го оштетиле споменикот на жртвите на холокаустот во Солунскиот универзитет Аристотел, јави „Катимерини“ .

Напаѓачите со сина боја нацртале крст и други симболи на споменикот на студентите евреи кои загинале во нацистичките концентрациони логори за време на Втората светска војна.

Градското собрание на Солун и израелската општина во градот остро го осудија инцидентот.

Ова е втор напад врз споменикот во рок од две недели.

До Втората светска војна Солун бил познат по неговата голема еврејска заедница, која во 19-тиот и почетокот на 20-тиот век надминала половина од населението на градот. Во Втората светска војна, за време на германската окупација, речиси 50 илјади Евреи од Солун биле убиени во нацистичките концентрациони логори.