Партијата на шоуменот Слави Трифонов, „Има таков народ“ (ИНТ), се соочува со тешка задача за формирање на нова владина коалиција во Бугарија, откако заврши на второто место според тесниот исход од вчерашните парламентарни избори, пишува „Фајненшл тајмс“.

ИНТ освои 23,7 отсто од гласовите, со што ќе и биде потребна поддршка од барем уште една од традиционалните партии, како и од барем две од т.н. „протестни партии“ за да формира мнозинство.

Бојко Борисов кој владееше со Бугарија во изминатите 12 години, се чини дека ќе заврши во опозиција. Неговата партија ГЕРБ собра 23,9 отсто од гласовите (според преброени 95 отсто од гласачките ливчиња), но веројатно нема да најде сојузници за формирање на владина коалиција.

Аналитичарите сметаат дека Бугарија би можела да добие нестабила влада или дури да се соочи со политичка парализа.

– Политички не одиме никаде бидејќи т.н. протестни партии не освоија доволен број на гласови за заедно да формираат одржлива коалиција. Резултатот носи 110 до 115 пратеници, но не очекувам да имаат повеќе, додека за мнозинство се потребни 122. Тоа е тешка ситуација во која не можете туку-така повторно да свикате избори – вели Христо Иванов, лидер на либералната „Да, Бугарија“.

Трифонов беше тивок за време на кампањата ги збунуваше неговите потенцијални коалициски партнери, додека ниту бугарските граѓани не знаат многу за ИНТ. Иванов го опиша неговиот потенцијален коалициски партнер како „црна кутија“.

Вчерашното гласање уследи по изборите одржани во април на кои немаше јасен победник, а Бугарија сега се соочува со слична ситуација.