Бугарските превозници подготвуваат масовен протест во центарот на Брисел, поради донесување на т.н. пакет „Макрон“, а доколку предлозите бидат донесени, ќе бидат погодени превозниците од источните членки на Европската Унија.

Се очекува неколку илјади камиони да го блокираат белгискиот главен град на 10 јануари. На овој ден е гласањето во Комитетот за транспорт на ЕП на пакетот мерки со официјален назив „Мобилност 1“.

– Го организираме протестот тогаш, бидејќи сме сигурни дека многу од европратениците од другите земји воопшто не се запознаени што ќе гласаат. Сакаме да ги запознаеме какви ќе бидат последиците за Источна Европа, бидејќи за нас е недозволиво со кревање на рацете на европратениците да им се определи судбината на транспортерите – рече Димитар Димитров, извршниот директор на Комората на транспортните превозници во Бугарија.

Најголемиот проблем во предвидениот пакет е враќањето на возачите и камионите во земјата на регистрација.

– Нема економска корист за возачот, доколку тој е доделен во бугарска транспортна компанија и се врати во Бугарија кај своето семејство. Која е разликата ако возачот доаѓа од некоја германска транспортна фирма – да се врати во Германија – објаснува тој.

Според него, доколку пакетот биде одобрен, голем број бугарски превозници повторно ќе се регистрираат во други земји на ЕУ. Со новите мерки се предвидува возачите на камиони задолжително да одмораат во хотели.

– Во хотелите покрај патиштата нема добри услови за престој. За да одам во хотелот – треба да го знам јазикот, да го оставам камионот во необезбеден паркинг. Кој ќе одговара за штетата, доколку ми ја украдат стоката – вели Димитров.

На протестот во Брисел ќе учествуваат превозници од Романија, Унгарија, Полска и од Литванија. Од Бугарија има најава за присуство на 340 возачи на камиони.