Бугарското Министерство за одбрана соопшти дека бугарски војник што дејствувал како дел од операцијата „Алтеа“ на ЕУФОР во БиХ е пронајден мртов во базата Бутмир кај Сараево.
Според бугарските медиуми, Министерството за одбрана на оваа земја соопшти дека војникот бил пронајден мртов во базата во 9.20 часот и дека има прострелна рана, пишува Кликс.

„Лекарската екипа која пристигнала од базата констатирала смрт. Органите на воената полиција биле информирани и веднаш ги презеле сите дејствија за расветлување на овој случај“ соопшти Министерството, пренесува Српскаинфо.

Иако и понатаму ќе се утврдуваат деталите за инцидентот, односно дали имало убиство или самоубиство, Министерството за одбрана соопшти дека телото на војникот од Сараево ќе биде пренесено во Бугарија со авион на бугарското воено воздухопловство.

Раководството на Министерството за одбрана на Бугарија изрази искрено сочувство до семејството на бугарскиот војник.