Бугарски „МиГ-29“ се урна во Црното Море за време на воена вежба.

Авионот ја изгубил радиокомуникацијата и исчезнал од радарите во 00.45 часот, соопшти бугарското Министерство за одбрана.

Акцијата за пребарување и спасување е во тек. Вклучува сили и средства од морнарицата, Здружената команда за специјални операции, граничната полиција и воздухопловните сили. Министерот за одбрана Георги Панајотов отпатува во областа на инцидентот, како и привремениот премиер Стефан Јанев. Тактичката вежба со борбено стрелање е прекината.

– Авионот исчезна од радарите, преземена е операција за спасување на пилотот, која продолжува и денес – изјави министерот за одбрана Георги Панајотов.

Пилотот не пријавил ниту еден проблем со леталото, пред да исчезне од радарот. Причините за инцидентот во моментов не се познати.