Периодот на комунизмот влегува во учебниците по историја откако беше доставена петиција од граѓаните

Во сите нови учебници по историја за десетто одделение, од 15 септември годинава, ќе се изучува најновата историја на Бугарија и во нив периодот на комунизмот се претставува како „криминален режим“. По усогласувањето на ставовите на историчарите, Министерството за образование на Бугарија достави препораки до издавачите, во чии претходни изданија периодот од 1944 до 1989 година беше претставен без да се посочи на темната страна од владеењето на Комунистичката партија.

Во учебниците по историја ќе биде вклучен извадок од законот со кој се третира комунистичкиот режим во Бугарија, изјави министерот за образование и наука Красимир Валчев. Во новите учебници ќе има цело поглавје за овој дел од бугарската историја. Лекциите се веќе завршени и учебниците се одобрени од ресорното министерство. Во новата учебна 2019/2020 година, учениците од десетто одделение ќе учат според нови наставни планови, кои се дел од тригодишната реформа на училишното образование.

– Учебниците имаат јасен став кон комунистичкиот режим. Тие содржат извадоци од законот што го прогласуваат комунистичкиот режим во Бугарија „за виновен“, како и од декларацијата со која Националното собрание го осудува таканаречениот процес на преродба – рече Валчев за „Дневник “.

Законот, кој е донесен во 2000 година, со кој се прогласува комунистичкиот режим во Бугарија за криминален, е составен од четири члена. Во него се посочува на влијанието на комунистичката власт што довело до национална катастрофа, кршење на основните човекови права и слободи, теророт против оние што не се согласуваат со системот итн.

Периодот на комунизмот влегува во учебниците по историја откако беше доставена петиција од граѓаните. Претходно беше поведена иницијатива против замена на вистината за комунизмот во учебниците. Ова барање беше упатено до премиерот Бојко Борисов и до министерот за образование и наука Красимир Валчев. Наспроти ова, антикомунистичките здруженија и партии го искажаа своето негодување од начинот на кој беше претставен комунистичкиот режим во некои од предложените учебници по историја од 10-то одделение.

Поранешниот заменик-претседател на ГЕРБ, Цветан Цветанов, исто така, реагираше на „скандалозниот обид да се замени вистината за комунистичкиот режим“ во нови учебници.
Демократска Бугарија забележа на „манипулацијата со комунизмот во учебниците“. Од ВМРО се изјаснија дека не сакаат децата да научат дека Ахмед Доган е бугарски научник.

Досега во учебниците по историја имало само една лекција, во која се претставувал периодот од Втората светска војна до денес. Бугарија е последната земја од „советските држави“ што ја реформира својата наставна програма по историја. Во одобрената наставна програма учениците ќе се запознаваат со термините што се однесуваат на комунистичкиот период во Бугарија: репресивен апарат, народен суд, терор, експропријација, непартиски режим… Со ова во новите верзии на петте учебници по историја имаат јасен став кон комунистичкиот режим, објаснуваат од МОН.

Од министерството испратија препораки до издавачките куќи за учебници по историја, со кои се става акцент на репресивните политики и економските тешкотии за време на режимот. Новините во учебниците по историја се однесуваат на повеќе точки: за бројот на жртвите во комунистичкиот период, за политичката активност на опозициските партии во првите години по 9 септември 1944 година, за карактеристиките на економијата за време на тоталитарниот режим изградена врз советскиот модел, со што бугарската економија беше неефикасна, неконкурентна и целосно зависна од советските суровини. Потоа има лекција за должничката криза во која се наоѓа Народна Република Бугарија, како и за продажбата на златните резерви на земјата. Додадени се повеќе лекции за репресивните политики на Бугарската комунистичка партија, насочени против муслиманското население во земјата. Се истакнува перцепцијата на Народна Република Бугарија како најлојален советски сателит од други земји, а се посветува внимание за улогата што ја имаше СССР во однос на владеењето на Тодор Живков.