Поради хиперпродукција производителите ги преоруваат нивите засадени со рози

Производителите на рози блокираа повеќе патни правци во Бугарија поради ниската откупна цена на розите

Километарски колони автомобили имаше на патот Пловдив – Карлово во реонот на градот Бања и на други места во Бугарија поради протест на производителите на рози, кои се незадоволни од ниската откупна цена на розите. Протести имало и во другите реони во Бугарија каде што се одгледува ова растение. Земјоделците во знак на протест ги покрија патиштата со цветови од рози и побараа итна државна интервенција за спасување на годинашното производство. Еден од производителите тврди дека веќе некои од одгледувачите на рози со трактори ги разорува насадите, бидејќи не можат да си ги врати вложените средства.

– Во моментот сме на нула. Принудени сме да се задолжуваме за да ги платиме работниците, бидејќи не можеме да ги продадеме розите. Цената по три лева за откуп на килограм цвет од роза за нас е неисплатлива, а сега е 1,60 лев. Подобро да не произведуваме и да заминеме за странство или да ги испратиме децата таму. Друга алтернатива немаме. Можеби целта е тоа – сите да заминеме од државата – изјавија производителите на рози.
Министерот за земјоделство, Румен Порожанов, ги посети земјоделците на кои им објасни дека државата не може да влијае на откупната цена на розите. Според неговите зборови, проблемите во оваа дејност се акумулирале со години. На краток рок ќе се бара можност за надомест за производителите од програмите за финансиска помош, а на долг рок ќе се пристапи кон изработка на посебен закон што ќе ги регулира односите во секторот.
Порожанов се заложи за построга контрола над преработувачите, поради тоа што во последните години квалитетот на бугарското масло од рози е влошен поради употреба на семенски материјал однадвор.
– Производителите што немаат договор, исто така, мора да излезат на виделина -рече Порожанов.

Министерот објасни дека оваа година жетвата на роза е многу добра – и во поглед на квалитетот и квантитетот, што доведе до ниски откупни цени. Друго големо прашање е порастот на површините со рози во последните две години, кои се зголемија за 10 отсто. Во моментов се обработуваат повеќе од 400.000 декари на насади со рози. Во претходните години набавните цени за килограм цветови од рози биле многу добри. Во 2017 година килограм се продавал за над 4 лева, а во 2016-та – до 5 лева, и затоа сега производителите се незадоволни од цените од околу 2 лева за килограм, кои не ги покриваат нивните производствени трошоци.
Исто така, во последниве години се засадени рози што не можат да се користат за производство на познатото бугарско масло од рози. Министерот Порожанов рече дека ќе се преземат законски мерки против дестилерниците, кои го влошуваат квалитетот на бугарското масло од рози со тоа што користат суровини од други земји.