Бугарскиот претседател Румен Радев потпиша указ за одржување парламентарни избори во земјата на 11 јули, објави прес-службата на претседателот, пренесува „Новините“.

– Со својот декрет претседателот Румен Радев го распушта 45. Национално собрание на 12 мај 2021 година. Шефот на државата ги закажа парламентарните избори на 11 јули оваа година – се наведува во пораката.

Секретарот за безбедност и одбрана на претседателот, Стефан Јанев, ќе биде премиер на привремената влада на Бугарија. Радев ја назначи владата со декрет, кој стапува во сила на 12 мај.

Националното собрание на Бугарија беше избрано 45. пат на 4 април, но не се формира влада. Отпрвин, Граѓаните за европски развој на Бугарија, кои победија на изборите, се обидоа да формираат влада во коалиција со Унијата на демократските сили, но не успеаја да ја добијат поддршката од парламентарното мнозинство.

Новата политичка партија Има таков народ одби да предложи свои министри во владата. Коалицијата „Бугарска социјалистичка партија (БСП) за Бугарија“ беше исто така принудена да му го врати мандатот на Радев.

Поради неможноста на партиите да формираат влада, бугарскиот претседател одлучи да го распушти парламентот и да назначи вршител на должноста министерски кабинет.