САД сметаат дека компанијата „Хуавеи“ ја користи својата 5Г-технологија да шпионира

Официјална Софија се договори со Вашингтон за безбедноста на безжичната мрежа 5Г, што треба да обезбеди во неа да не учествуваат никакви кинески компании

Регионална турнеја на САД за „безбедноста“ на 5Г-мрежата

По Косово, Словенија, Грција, Словенија, Македонија, но и повеќе земји од регионот, минатата недела и Бугарија им се приклучи на групата држави што го потпишаа безбедносниот договор со Вашингтон за брзи безжични интернет-мрежи како дел од кампањата на администрацијата на Доналд Трамп да го исклучи „Хуавеи“ од 5Г-мрежата во светот. Како што пренесува „Дојче веле“, САД сметаат дека компанијата ја користи својата технологија да шпионира во корист на кинеската влада, тврдење за кое Пекинг вели дека е исклучиво мотивирано од американски комерцијални причини. Вашингтон веќе неколку години ги поттикнува своите сојузници да ја избегнуваат мрежната опрема од кинеските производители како ЗТЕ и „Хуавеи“, особено оние што се користат за конструкција на 5Г-мрежи. Токму во овој контекст во август американскиот државен секретар, Мајк Помпео, при посетата на Централна Европа предупреди од влијанието на Русија и Кина на континентот. Истиот месец администрацијата на Трамп ја најави програмата за „чиста мрежа“ за спротивставување на „долгорочните закани врз приватната сфера на податоци, безбедноста и човековите права, кои во слободниот свет доаѓаат од авторитарните актери, како што е Кина, наведува германскиот медиум.
– Потегот на Бугарија е резултат на дипломатската турнеја на Мајк Помпео во Европа – вели Јан Мус, експерт за Балканот во Варшава.

– Америка преговара со секоја од земјите посебно, ветувајќи им одредени зделки – економски или политички. Ова го одразува американското влијание во регионот и нивната мека моќ. Сите во регионот сакаат да бидат „сојузникот“ на САД или дел од позитивните вести посветени на успешна американска дипломатска посета – смета Мус.
Инаку Амбасадата на САД во Софија наведе дека Бугарија „се придружува кон сѐ поголемата коалиција земји и компании што се обврзаа да ги заштитат своите 5Г-мрежи од небезбедни доставувачи“.
Американскиот државен потсекретар за економски раст, Кит Креч, на церемонија на потпишувањето на договорот со Бугарија, кажа дека е од клучна важност за државната безбедност, економскиот просперитет и стабилноста на регионот.
Договорот е дел од обидите на администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп, од поставувањето 5Г-мрежа да ги исклучи технолошкиот гигант „Хуавеи“ и други кинески компании.

Во таа насока американски државни функционери низ Европа и светот водат кампања против вклучување на „Хуавеи“, кого Вашингтон го смета за закана за државната безбедност на САД и тврди дека таа компанија својата технологија ја користи за шпионирање на сметка на Владата на Кина.
Пекинг го негира тоа и тврди дека Американците водат кампања против „Хуавеи“ од економски причини.
На листата земји што досега се приклучија кон ова се и Романија, Грција, Чешка, Полска, Шведска, Естонија, Данска и Летонија. Две Г7-земји, Италија и Велика Британија забранија вклучување на „Хуавеи“ во изградбата на нивната 5Г-мрежа, додека и покрај првичното одобрување, наскоро се очекуваат слични потези и од Германија,Франција Холандија, Швајцарија, Шпанија и Португалија.