Како најголема предност за Бугарија се посочува тоа што таа е членка на Европската Унија, но најсериозен кандидат за добивање на фабриката на „Фолксваген“ е и Турција

Одлуката за тоа каде ќе биде новата фабрика во Европа за производство на возила од марката „фолксваген“ ќе биде објавена во ноември, а според неофицијални информации, од германскиот автомобилски концерт, во најтесен избор се влезени Бугарија и Германија.

Намерата за изградба на нова фабрика ја соопшти Херберт Дис, претседател на „Фолксваген АГ“, поради големата побарувачка на возила и искористеноста на постојниот капацитет во Словачка.
– Бугарија е подготвена да произведува автомобили. Работниците и домашната економија во Бугарија стигнаа до ниво кога можат да прават цели автомобили – рече Емил Караниколов, министер за економија во бугарската влада.

Преговорите меѓу Бугарија и производителот на автомобили продолжуваат. Одлуката на компанијата за изградба на својата идна фабрика во Источна Европа ќе биде јасна најдоцна до крајот на годинава, објавија бугарските медиуми.
Целата инвестиција изнесува околу 1,5 милијарда евра, а фабриката треба да проработи во 2022 година и да создаде 5.000 работни места. Се планира да се произведуваат автомобили од различни брендови на групацијата „Фолксваген“. Како можни локации за новата фабрика за автомобили во Бугарија се индустриската зона „Раковски“ и производствената локација „Кремиковци“.

Меѓу барањата на инвеститорот се земјата да поседува соодветната инфраструктура, услови за снабдување со индустриска електрична енергија, гасоводна мрежа и развиен железнички сообраќај. Засега нема јасен фаворит кој ќе ја привлече инвестицијата во вредност од над една милијарда евра. Како најголема предност за Бугарија се посочува тоа што таа е членка на Европската Унија.

Турција, исто така, има добри шанси да ја привлече инвестицијата. Турскиот внатрешен пазар е голем, производствените трошоци се ниски, а работниците поседуваат добри квалификации. Освен тоа, поради растот на невработеноста во Турција на тамошниот пазар на трудот можат да се најдат доволно добро обучени луѓе.
Но предностите на Турција не се исцрпуваат само со тоа, Турција има слободен пристап до внатрешниот пазар на ЕУ, предност е и близината со Азија, со Блискиот Исток и со сферата на руското влијание. А освен тоа, турската држава вложува многу средства во истражување и развој во автомобилската индустрија.