Бугарија се спротивставува на поделбата на Албанија и Македонија при почетокот на преговорите за членство во Европската Унија. Ова го изјави бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, по нејзината средба со албанскиот министер за надворешни рабоит, Гент Цакај, јави БГНЕС.

Захариева истакна дека бугарското малцинство во Албанија е богатство и уште една можност што Бугарија може да ја искористи за да и помогне на Албанија.

– Бугарија изрази подготвеност да го поддржи изучувањето на бугарскиот јазик кај бугарското малцинство во Албанија со наставници и наставни материјали – рече Захариева.

Таа истакна дека и покрај пандемијата на коронавирусите, трговијата меѓу Албанија и Бугарија е зголемена. Во таа насока, ќе се одржи состанок на заедничката бугарско-албанска комисија за натамошно зајакнување на економските односи. Захариева исто така рече дека врската меѓу двете земји е исклучително важна и се разгледува обновување на воздушната линија меѓу Софија и Тирана.

Цакај им се заблагодари на Бугарија и на бугарскиот народ за помошта што им ја пружаат на патот кон ЕУ, како и за хуманитарната помош што им ја доделиле во тешките денови по смртоносниот земјотрес што ја потресе Албанија пред неколку месеци. Тој истакна дека Бугарија е една од првите земји кои им се обратиле на помош на Албанците.