По реализацијата на брегзит ќе има последици во секоја сфера на јавниот живот, изјави Екатерина Захариева, министерката за надворешни работи на Република Бугарија за време на минатонеделната парламентарна расправа за оваа тема. Таа беше повикана од Кристијан Вигенин за да ги објасни мерките на бугарската влада во врска со очекуваната „разделба“ на Велика Британија и ЕУ. Тој постави прашање дали Бугарија е подготвена за опцијата во случај излегувањето да биде без претходен постигнат договор со ЕУ. Тој изрази и загриженоста за статусот на бугарските државјани, кои постојано живеат во Велика Британија.

– Уште од минатата година развиваме трите можни сценарија. Колку и да не го посакувавме можно е да се дојде до третото најлош сценарио – напуштање на Велика Британија без договор. Кон средината на 2018 година беше усвоен планот за акција и од септември сите институции се поканети со писмо да се изјаснат за излезните решенија – рече Захариева.

Досега, сите институции направиле анализа што ќе се измени и што следува при евентуално излегување на Велика Британија од ЕУ без договор, а за тоа е изработена и заедничка информација, додаде таа.

Вигенин не остана задоволен од одговорот на министерот и нагласи дека во извештајот недостигаат конкретни одговори и решенија. Тој ги наведе примерите на другите земји во ЕУ за тоа какви мерки се преземени. Во Холандија биле преземени одредени законски измени, а во Данска и во Грција била спроведена информативна кампања за запознавање со можните последици.

– Минатата година бугарската амбасада почна со организирање информативна кампања меѓу бугарската заедница во Велика Британија и се одржаа веќе многу состаноци надвор од амбасадата. Од почетокот на оваа година беа спроведени уште две, до средината на оваа година се предвидени уште 20 и тоа не само во Лондон, туку и во сите делови на Велика Британија. Презедовме проактивна позиција, за да можат бугарските граѓани да бидат информирани на најраната фаза на она што следува – одговори Захариева.

Таа призна дека единствената непријатност за Бугарите што се жители во Велика Британија во моментот на излегувањето на земјата од ЕУ е потребата од пререгистрација. Во врска со неа составот на амбасадата на Бугарија бил зголемен, претстои и отворање нова канцеларија на бугарската конзуларна служба во Лондон. Захариева посочи дека на страната на амбасадата и на Фејсбук се објавени информации за новите правила за брегзит.

Министерот за надворешни работи на Бугарија посочи дека меѓу ЕУ и Велика Британија има договор за краткорочните патувања да не бидат потребни визи. Таа истакна дека во моментов не се забележува враќање на Бугари поради брегзит.