Дваесет мигранти се спасени, а неколкумина се сметаат за исчезнати при потонување брод во водите кај грчкиот остров Хиос, недалеку од Турција, соопшти грчката крајбрежна стража.

Спасените мигранти изјавија дека на бродот имало 27 лица, се наведува во соопштението на крајбрежната стража, која им пристигнала на помош во тешки временски услови, со поддршка од брод на НАТО, два хеликоптера и неколку бродови. Хиос е оддалечен седум километри од турскиот брег.

Според УНХЦР, повеќе од 2.500 луѓе го преминале Егејското Море од Турција оваа година наспроти 9.700 лица минатата година, кога повеќе од 100 луѓе загинаа или исчезнаа.