Српската премиерка Ана Брнабиќ денеска ги негираше информациите дека се разговара за центри за мигранти во Србија, како и за доаѓање на европската гранична служба Фронтекс да ги чува границите на Европската унија.

– Ве молам да не пренесувате гласини дека во Србија ќе има некои центри за мигранти, па поради тоа Фронтекс ќе ги чува границите. Не. Не се разговара и никогаш не се ни разговараше за тоа. Не си играјте со такви работи, изјави Брнабиќ на прашање на новинарите.

Како што рече премиерката, соработката со Фронтекс е најдобрата форма на соработка на Србија со ЕУ. Брнабиќ потсети дека Србија била во специфична ситуација, бидејќи мигрантите од земјите на ЕУ доаѓале во земјата на патот за други земји на ЕУ, така што границите на ЕУ не се чуваат тука.

– Ние ги чувавме границите на ЕУ и тоа на најдобар можен начин, со здружени сили на армијата и на полицијата и ве молиме да не ги пренесувате озборувањата како можна вистина, на што треба да одговорат официјалните лица од ЕУ и Србија, изјави Брнабиќ.