Србија

Состанокот во вторникот со дел од опозициските партии е ирелевантен за 90 отсто од граѓаните во Србија, изјави премиерката Ана Брнабиќ

Фондот за отворено општество и Факултетот за политички науки во Белград ќе продолжат да ги организираат состаноците меѓу власта и опозицијата за теми поврзани со спроведувањето на изборите, а некои од прашањата се однесуваат на финансирање на кампањата, пристапот на медиумите, избирачкиот список и изборната администрација и остварување на избирачкото право на сите граѓани.

На иницијалниот состанок на претставниците на владејачките партии и опозицијата им беше понудена анализа на изборниот процес во Србија со проблемите што треба да се решат. Претставниците на Центарот за истражување, транспарентност и одговорност (ЦРТА) и на Центарот за слободни избори и демократија (ЦеСид) ги претставија своите анализи и предложија пакет прашања за изборниот процес што може да се решат во краток рок, но и за проблемите што бараат големи системски промени и кои би биле надминати по одржувањето на наредните парламентарни избори. Првата средба од најавениот дијалог меѓу власта и опозицијата беше одржана во вторникот, а со продолжувањето на политичката дебата на подолг рок ќе се зацврсти легитимитетот на демократските власти и ќе се зајакне довербата на граѓаните во институциите и демократскиот поредок, велат организаторите на тркалезната маса меѓу претставници на политичките партии во Србија.

Претседателката на Владата на Србија, Ана Брнабиќ, изјави дека не би сакала да присуствува на некој иден состанок меѓу власта и опозицијата, но ако мора, би го направила тоа. Таа забележа дека завчерашниот состанок бил со дел од опозицијата.
– Состанокот во вторникот е ирелевантен за 90 отсто од граѓаните во Србија. Некои од партиите од опозицијата најавија дека нема да присуствуваат на вакви состаноци, затоа што сметаат дека местото за тоа е во парламентот – изјави Брнабиќ.

Од Српската напредна партија, која е предводена од Александар Вучиќ, се подготвени да присуствуваат на дијалогот со опозицијата. Но, како што објасни Брнабиќ, на ваквите средби ќе се разговара за промена на демократските текови, кои беа поставени токму од партиите од сегашната опозиција, а се однесуваат на водење на избирачкиот список, медиумските услови, деловникот за работа во српскиот парламент…
Претседателот на Народната партија, Вук Јеремиќ, кој е еден од лидерите на опозицискиот блок, вели дека засега не е постигнат суштински напредок за организирање фер и демократски избори. Тој го повтори ставот на партиите здружени во Сојузот за Србија за бојкотирање на наредните избори.

– Ќе направиме сѐ овој режим да обезбеди фер изборни услови, но подготвени сме за бојкот доколку не се променат работите. При демократски услови за гласање, опозицијата може да постигне добар резултат. Успех би било опозицијата да добие 100 пратенички мандати и да ја освои власта во 30-40 општини во Србија. Во случај на бојкот, ќе сметаме дека сме успеале ако одѕивот на граѓаните на следните избори биде околу 45 отсто – вели Јеремиќ.

Извршниот директор на ЦЕСИД, Бојан Клачар, смета дека има доволно време да се подготват изборите во 2020 доколку се постигнат конкретни решенија во дијалогот меѓу власта и опозицијата.