Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, изјави дека Србија на кој било начин не се меша во внатрешните работи на Црна Гора. Таа исто така рече дека почувствувала потреба како премиер да реагира на тврдењата изнесени од претседателот на таа земја, Мило Ѓукановиќ.

Тој изјави дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ и сегашната политика на Србија „покажале многу проблематични намери“ кон Црна Гора и дека од усвојувањето на Законот за слобода на вероисповед во декември, од Белград има силна медиумска и политичка агресија.

Во писмената изјава, Брнабиќ оцени дека станува збро за „обид за политичка измама што Ѓукановиќ го користи со цел да ги објасни причините за изборниот резултат на неговата партија“.

– Во изминатите осум години, Александар Вучиќ ги спомена Црна Гора и Мило Ѓукановиќ помалку пати отколку што Ѓукановиќ ги спомена Србија и Вучиќ само во ова интервју, и секој пат, како и многу пати претходно, во негативен контекст – потенцира Брнабиќ.

Таа посочува дека фактот дека Ѓукановиќ не може да го оспори е дека Србија не се меша во внатрешните работи на Црна Гора на кој било начин и дека тоа не влијаело на изборниот процес во таа земја.

– Не може да стане збор дека Црна Гора на кој било начин е загрозена од Србија и повеќе од јасно е дека Ѓукановиќ е заробен во политичките фрази што ги користеше со години за да добие политички поени со лажни приказни за ранливоста на Црна Гора, наместо да се фокусира на реалните потреби и проблеми на нејзините граѓани – рече Брнабиќ.

Таа изјави дека Србија сака најдобри можни односи со Црна Гора и сите земји во регионот и дека е посветена на градење стабилен, поврзан и безбеден Балкан.

– Тоа е токму причината зошто Вучиќ ја покрена иницијативата „мал шенген“, така што земјите од регионот ќе соработуваат економски во интерес на сите граѓани. Тоа е најдобрата одбрана против сите политики и политичари кои не можат да излезат од 90-тите години на минатиот век – рече таа.