Британија соопшти дека е против промената на границите на Балканот и дека Србија и Косово треба да го решат проблемот со взаемно признавање.

Портпарол на британското Министерство за надворешни работи вчера изјави дека „нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово е клучна за безбедноста, стабилноста и напредокот на оваа земја и на поширокиот регион, пренесе Политико.

– Владата верува дека ова треба да биде основа за признавањето на независните и суверени држави во рамките на нивните сегашни граници – додадоа од британскиот Форис Офис.

Како што соопшти прес службата на српскиот претседател Александар Вучиќ, тој денес го примил британскиот амбасадор во Белград Денис Киф, на кого му соопштил дека Србија никогаш нема да прифати решение за Косово кое би било понижувачко.

– Претседателот Вучиќ ја истакна потребата од постигнување на трајно и праведно решение за Косово, кое нема да биде во спротивност со државните и националните интереси на Србија. Србија никогаш нема да прифати решение за Косово кое би било понижувачко за нашата држава и нашиот народ – се наведува во соопштението на кабинетот на Вучиќ.