Додека Брисел се обидува „проширувањето“ да го држи високо на агендата, сѐ повидливо е разочарувањето кај балканското водство, кое се обидува да најде начин да се изнајдат преодни решенија и алтернативи преку поголема промоција за регионалната соработка на Западен Балкан

Со потврдувањето на бугарското вето за почетокот на преговорите на Македонија со Европската Унија, процесот на нејзиното проширување е доведен во слепа улица. Соработката меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан продолжува да се одвива меѓу „декларативните изјави од Брисел за неопходноста од европското проширување на Балканот“ и сѐ поизразениот песимизам што се искажува од балканските лидери. Од центарот на европската дипломатија се обидуваат „проширувањето“ да го држат високо на агендата, за што говорат и зачестените средби и иницијативи на темата Западен Балкан, но засега нема никакви конкретни исчекори во таа насока. Ова од друга страна предизвикува и сѐ понагласено разочарување кај балканското водство, кое се обидува да најде начин да се изнајдат преодни решенија и алтернативи преку поголема промоција за регионалната соработка на земјите од Западен Балкан.
Челниците на парламентите на Европската Унија и на земјите од Западен Балкан, во понеделничката декларација ги повторија веќе познатите обврски за владеење на правото, како еден од клучевите за отворање на вратата на ЕУ за Западнобалканскиот Регион. Познатите фрази беа дополнети и со повикот на Советот на министри за ЕУ да го исполни ветувањето и итно да преземе акција за забрзување на процесот на проширување. Зад оваа декларација стојат потписите на претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, и првите луѓе на националните парламенти на Португалија, Словенија и шесте земји од Западен Балкан, со кои се сретнаа на почетокот на неделава во Брисел, пренесува агенцијата „Бета“.

На состанокот, на кој учествуваа и претседателите на парламентите на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Македонија и Србија, било повторено дека проширувањето претставува „геостратегиски влог за стабилна, силна и обединета Европа“. Притоа е истакната и важноста од успешна пазарна економија и регионален пазар како „значаен камен за општествено-економската цврстина и европска интеграција на целиот Западен Балкан“, пренесува „Ал џезира“.
– Кога станува збор за забелешките за текот на проширувањето, тие не се однесуваат само на Србија туку и на некои внатрешни прашања во ЕУ и подготвеноста на ЕУ за натамошниот процес на проширување и на нивната подготвеност за овој процес. Во ЕУ сигурно постои замор од проширувањето, кој трае од 2003 година, но и во регионот постои „замор од пристапување“, со поставување нови услови и продолжување на роковите – изјави Ивица Дачиќ, претседател на Народното собрание на Србија.
Со изразит тон на песимизам помина трилатералната работна средба, која во вторникот се одржа преку конференциска врска меѓу лидерите на Македонија, Албанија и на Србија. Зоран Заев, Еди Рама и Александар Вучиќ ги искажаа очекувањата од регионалната соработка како начин на побрзо придвижување на европскиот пат. Според нив, постојаниот неуспех на ЕУ да ги исполни своите ветувања и нејзината неможност да се движи напред со одржувањето на првата меѓувладина конференција со Албанија и со Северна Македонија, оди против европската волја на трите земји и против интересите на самата ЕУ.
Заев, Рама и Вучиќ нагласуваат дека само со заедничко работење и поттикнување регионална соработка во рамките на разни регионални иницијативи, трите земји можат да им донесат опипливи резултати на своите граѓани.
– Затоа, решивме денес да побараме од Европската Унија и од САД, да преземат чекор заедно со нас и со нашите колеги од целиот регион. Нашата цел е да развиеме инвестициски, краткорочни проекти за подобрување на нашата животна средина и за многу поголема употреба на обновливи извори на енергија.

Ова би било дел од спроведувањето на економскиот и инвестициски план на ЕУ и на зелената агенда за Западен Балкан. Нашите земји имаат огромен потенцијал за одржлив раст и развој во овој сектор. Ќе побараме практична поддршка во откривањето кои проекти можат, во поголем обем, да го направат нашиот регион извор на обновлива енергија за нашите граѓани и за зелената енергетска иднина на ЕУ. Се надеваме дека ќе можеме да го објавиме напредокот на конкретни проекти до самитот ЕУ – Западен Балкан, кој ќе се одржи оваа есен, истакнуваат тројцата лидери изјавата, додавајќи дека во овој контекст ќе дадат целосна поддршка за регионалниот заеднички пазар на самитот на Берлинскиот процес на 5 јули.
Регионалната соработка, која се заговара од тројцата лидери во форматот на мини-шенген, засега е неприфатлива за Косово, Црна Гора и за Босна и Херцеговина. Од косовскиот премиер Албин Курти беше испратен и негативен одговор, и покрај тоа што поранешниот премиер Авдулах Хоти во септември лани во Вашингтон прифати Косово да биде вклучено во оваа балканска иницијатива. Портпаролката на приштинската влада, Розафа Кељменди, потсети дека Курти неодамна предложи нова рамка за регионална и економска соработка за соработка под називот СЕФТА. Ова подразбира регионална соработка заснована на еднаквост и реципроцитет, според механизмите што се применуваат во Европската Унија и на европскиот економски модел.