Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеи неделава ќе се сретне со министрите за надворешни работи на Србија, Црна Гора, Македонија и на Босна и Херцеговина и со вицепремиерот на Косово. Пред одвоените средби со претставниците на Западен Балкан, Вархеи учествуваше на дебата за Западен Балкан на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел, која беше фокусирана врз ситуацијата во БиХ и односите меѓу Србија и Косово.
Министрите за надворешни работи на Европската Унија, под раководство на шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, завчера расправаа за „Документот за дискусија за Западен Балкан“, подготвен од Европската служба за надворешни работи, во кој се наведени следните чекори на ЕУ насочени кон зајакнување на присуството и ангажманот на европските институции во регионот. Подготвениот документ до кој имаше пристап РСЕ оценува дека политичката ситуација на Западен Балкан е „сè попредизвикувачка“ во последните неколку месеци. Во документот се наведува дека напорите на ЕУ на Западен Балкан биле „засенети од широкото разочарување на партнерите од Западен Балкан кога станува збор за процесот на проширување“ и дека „јавната поддршка за интеграцијата во ЕУ опаѓа како што се зајакнуваат националистичките пораки и политиките за идентитет“. Шефот на европската дипломатија во документот најавува зајакнување на политичкиот ангажман во регионот.