Четвртата рунда на дијалогот меѓу Белград и Приштина се одржа во текот на викендот во Брисел, на експертско ниво, а за денеска се планира состанокот на високо ниво, на кој ќе присуствуваат лидерите на Србија и на Косово, во присуство на Жосеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак.
– Како дел од сеопфатниот дел за спогодбата за нормализација меѓу Косово и Србија, а на состанокот на највисоко ниво, в понеделник ќе се разговара за теми за раселените и исчезнатите лица и за решавање на проблемот за меѓусебни финансиски побарувања и за имотот – изјави портпаролот на ЕУ, Петар Стано.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, пак, изјави дека го очекува нивниот конечен предлог, но се надева дека ќе имаат разбирање за тоа што очекуваат Србија и Србите и што е тоа што може да добијат минимум.
Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти за два дена одржуваат нова средба по состанокот во Вашингтон и потпишувањето на договорот за економска соработка, што предизвика различни реакции во светот. „Политика“ пренесе информација дека посредниците на ЕУ планираат да го интензивираат дијалогот меѓу Белград и Приштина, така што експертите ќе се состануваат на секои десет дена, а лидерите на секои три недели, пренесе „Политика“.