Изразениот скептицизам на опозициските лидери во Косово, но и воздржаниот став на Европската Унија, го доведува во прашање остварувањето на Вашингтонскиот договор. Додека владеат надмудрувањата за заземањето подобри позиции во регионот, недостигот од единствен став на САД и ЕУ може да ја загрози стабилноста на Западен Балкан, предупредуваат меѓународните политички експерти

Договорот за нормализирање на економските односи меѓу Србија и Косово, кој беше постигнат во Вашингтон, наидува на различни реакции кај политичката јавност во светот и на Балканот. Додека за американската и српската страна овој договор е од „историско значење“, од Брисел, седиштето на европската политика и дипломатија, се испраќаат воздржани коментари и пораки, во кои се препознава намера да се намали важноста на договорот, на кој потпис ставија српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти, во присуство на американскиот претседател Доналд Трамп. Во текстот на „Балкан инсајт“ отворено се посочува на изразениот скептицизам на опозициските лидери во Косово во врска со договорите во Вашингтон меѓу Србија и Косово, додека ЕУ се обиде да го пресретне договорот за економското поврзување на двете земји со изјави на европските функционери дека некои од инфраструктурните проекти веќе се поддржани со средства од европските фондови.

Очигледно од Белата куќа немаат намера постигнатиот договор да остане само на хартија и на 15 септември, во Белград, американската меѓународна финансиска корпорација за развој ДФЦ и американската банка за извоз-импорт ЕКСИМ потпишаа писма за намери со Србија и со Косово за изградба на новиот автопат. Косовските опозициски партии не дадоа поддршка за договорите од Вашингтон. Албин Курти, поранешен премиер и сега лидер на најголемата опозициска партија Самоопределување, за договорот од Вашингтон рече дека е „неспроведлив“.
– Како може да работи една авиокомпанија кога косовски граѓани не можат да ги користат своите лични карти за да стигнат до Србија, туку мора да добијат образец на границата во кој се вели дека ги изгубиле личните карти – праша тој, осврнувајќи се на фактот дека Србија не ги признава Косово и косовските патни документи.
Ваквиот став на Курти, за Ричард Гренел, американскиот посредник во српско-косовскиот дијалог, е очекуван, затоа што, како што потсети, лидерот на Самоопределување е остар противник на политиките на САД кога станува збор за прашањата за овој дел од регионот. Познато е дека Курти важи за „поборник“ на политиките на Европската Унија, особено на Германија, а тој беше сменет од премиерската функција и благодарение на силниот политички притисок од специјалниот претставник на Доналд Трамп за Балканот.

По економските прашања што беа отворени во Вашингтон, тежиштето на продолжувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина повторно се враќа на политички теми. На преговорите во Брисел се враќа жешкиот костен за формирањето полуавтономна асоцијација на општини со српско мнозинство во северниот дел на Косово. Приштина одбива да разговара за предлогот на Белград и смета дека формирањето на заедницата на српските општини е регулирано со договорот во 2013 година. За спикерот на косовскиот парламент Вјоса Османи создавањето на такво здружение „со извршни надлежности претставува ризик за Косово“, пишува „Балкан инсајт“.
Косовските политичари сметаат дека ЗСО не треба да има извршни овластувања, а според претходниот договор, таа треба да има надзор во областите за економски развој, образованието, здравството и социјалната заштита, а да има и свое собрание, совет и претседател. За српската страна, спроведувањето на заедницата на општини е неопходно за продолжување на дијалогот. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека тие ќе инсистираат на оваа тема на состанокот в понеделник во Бриел, на која ќе се најдат и прашања за имотите.

Одбивањето на Приштина да разговара за заедницата на српски општини ја доведе во прашање и средбата меѓу претседателот Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Авдулах Хоти, која е закажана за 28 септември во Брисел. Овој потег на косовските лидери, но и непостапувањето на ЕУ, исто така се толкува како намерен „тајмаут“ до американските избори, пишува „Спутник“.
Приштинските медиуми објавиле дека Лајчак ги поканил страните да одржат разговори на ниво на координатори за дијалог. Сепак, приштинските медиуми тврдат дека состанокот сè уште е неизвесен и дека ЕУ испратила покани до Белград и Приштина. „ЗСО нема да биде на дневниот ред затоа што една од страните не е подготвена за дискусија“ – напиша Лајчак на својот налог на Твитер.
Драгомир Анѓелковиќ, политички аналитичар, смета дека со одложување на преговорите, ЕУ би покажала дека веќе нема никаков геополитички капацитет, но и волја да ја скроти Приштина. Неговиот впечаток е дека ништо не е случајно и дека Германија и Брисел ја лажат Србија и работат за Приштина.

– Мислам дека и Албанците и ЕУ купуваат време играјќи на картата Бајден. Тие сè уште сметаат дека Бајден ќе победи и дека, ако тоа се случи, тој ќе ја поддржи Германија и ќе ѝ го препушти косовското прашање нејзе. Ова е многу поширока геополитичка игра од односот помеѓу Белград и Приштина – посочува Анѓелковиќ.
Порталот „Јуропиен Вестерн Балканс“ ги пренесува ставовите на меѓународните експерти за Балканот, Флоријан Бибер и Даниел Сервер, изнесени на вебинарот организиран од Општествениот клуб во Митровица на тема „Процес на дијалогот меѓу Белград и Приштина: триаголник на конструктивните нејаснотии“, а кои се однесуваа на тоа дека некои аспекти од договорот во Вашингтон се противречни на политиките на ЕУ. Бибер нагласи дека недостигот од единствен став на САД и ЕУ може да ја загрози стабилноста на Западен Балкан и потенцијално да ја зголеми моќта на авторитарноста во регионот. Сервер изјави дека Србија веројатно нема да влезе во ЕУ во претстојниот период, поради нарушување на демократијата, наспроти тоа што српската влада се приспособува на правните практики на ЕУ.