Предлог-обвинението за сторени воени злосторства против косовскиот претседател Хашим Тачи, пред самиот почеток на состанокот во Белата куќа, значеше поткопување на преговорите под покровителство на САД

Ден по откажувањето на состанокот на високите делегации на Србија и на Косово, кој беше закажан за 27 јуни во Вашингтон, вчера во Брисел се водеа разговори за продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина. Разговорите со српскиот претседател Александар Вучиќ и преставниците на новата европска администрација, меѓу кои беа и претставникот на ЕУ за дијалогот меѓу двете земји и за регионални прашања поврзани со Западен Балкан, се одвиваат во новонастанати услови, што произлезе од одлуката на премиерот и од претседателот на Косово да го откажат учеството на состанокот што го организираше американскиот посредник во дијалогот Ричард Гренел. Непосреден повод беше поднесувањето предлог-обвинение против Хашим Тачи и Кадри Весели, од Специјалниот суд за воени злосторства на ОВК во Хаг, а се однесува на случаи во кои се убиени 100 лица.

Коментарите за тоа кои се мотивите за избор на моментот за објавување на одлуката на судот во Хаг, додека косовскиот претседател беше на пат за Вашингтон, продолжија и во текот на вчерашниот ден. Виенскиот „Стандард“ оцени дека „балканскиот пиар-потфат со кој Ричард Гренел сакаше да го импресионира американскиот претседател Доналд Трамп е пропаднат“. Како што наведува весникот бил спречен „валкан договор“, за кој се залагал и косовскиот претседател, кој „долго време го држи Косово како заложник, поради своето воено минато“. Затоа, Тачи треба да поднесе оставка од претседателската функција, се истакнува во текстот на „Стандард“.

– Обвинението против претседателот на Косово, Хашим Тачи, значи дека еден од главните заговорници за размена на територии меѓу Србија и Косово е исфрлен од игра. Тоа е добра вест, затоа што размената на територии е опасна идеја. Замислата на луѓето дека можат да се чувствуваат безбедно само во земјата во која се дел од етничкото мнозинство е идеолошка основа, која и доведе до војните во деведесеттите години – вели Кристоф Бендер, потпретседател на Иницијативата за европска стабилност од Берлин, во изјава за „Дојче веле“.
Косовскиот и српскиот претседател се сметаат за главни заговорници за идејата за размена на територии, што доби и поддршка од американската администрација. Обвинението против Тачи, покрај негативните импликации за преговорите што се водат по иницијатива на Гренел, може да влијае и на политичката стабилност на Косово и пошироко на регионот.

Слична состојба имаше и минатата година кога тогашниот премиер Рамуш Харадинај доби покана за сослушување пред Специјалниот суд, по што следуваше негова оставка, нови избори и долготраен политички процес и криза околу формирањето на новата влада на Албин Курти, а подоцна и пад на неговата влада. Во случај на оставка од претседателската функција на Хашим Тачи, тоа би можело да доведе до напната состојба во Приштина и неизвесна судбина на тесното мнозинство, кое стои зад изборот на сегашниот премиер Авдулах Хоти. Во случај на нови избори, тоа би им одговарало само на Самоопределување и на нивниот водач Курти, кој и беше сменет заради одржувањето на состанокот во Вашингтон, сметаат некои од политичките аналитичари.
Новинарот и политички коментатор Милован Јовановиќ посочува дека подигнувањето на обвинението пред самиот почеток на состанокот во Белата куќа е минирање на преговорите под покровителство на САД.

– Оваа одлука без дилема е голема шлаканица за Гренел и наскоро ќе видиме каков одговор ќе следува. Јасно е дека зад одлуката на специјалниот обвинител стојат Германија и дел од администрацијата на САД, која долго време е во несогласување со актуелната администрација на Трамп за многу други прашања – вели Јовановиќ.
Соработникот во Центарот на Атланскиот совет за Евроазија и истражувач во Центарот за словенски, евроазиски и источноевропски студии на универзитетот „Северна Каролина“, Димитар Бечев, проценува дека преговорите меѓу Белград и Приштина сега мора да бидат одложени, па дури и замрзнати на некое време.
– Европската Унија, односно Германија како најјака и најмоќна земја во ЕУ, сака клучна улога во дијалогот меѓу Белград и Приштина. Косово долго се решава, тоа не е само конфликтот од деведесеттите, тоа е судир што трае со децении претходно. Овој бавен процес може да трае и во наредните години или децении, особено кога ниедна страна не чувствува потреба да направи отстапки – изјави Бечев за „Гласот на Америка“.

Според него, топката за решавање на косовското прашање е во дворот на ЕУ, која е главен играч, но која не сака или не може да го понуди тоа што двете страни го сакаат, за да се продолжи процесот.
Српскиот претседател Вучиќ, вчера по средбите на европските претставници, изјави очекување за брзо продолжување на преговорите со Приштина, и Србија да стане членка на ЕУ до 2026 година. Косовскиот претседател Тачи во својата прва изјава дадена по обвинението од Хаг, соопшти дека „историјата на Косово никој не може да ја смени“.