По нагласената намера на Вашингтон за поголемо економско присуство во земјите од Западен Балкан, од Европската комисија следната недела ќе го објават големиот инвестициски пакет за регионот, проценет на девет милијарди евра

Балканските земји од почетокот на октомври се изложени на интензивна дипломатска офанзива од претставници на САД и на Европската Унија. Деновиве американскиот државен секретар, Мајк Помпео, се наоѓа на својата европска турнеја во која се вклучени и посетите на земјите од Западен Балкан. На прво место во неговата агенда е ставено интензивирањето на економските односи, а пред сѐ промовирањето на американската поддршка за реализирање проекти од енергетскиот сектор и инфраструктурата. Следната недела на шести октомври, Европската комисија ќе го усвои големиот економски пакет за земјите од Западен Балкан, вреден девет милијарди евра. Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи, веќе разговарал со националните министри од Западен Балкан, а по прифаќањето на планот, тој ќе го претстави лично со посета на земјите од регионот.
Европската комисија по стапувањето на чело на Урсула фон дер Лејен, на почетокот на годината, најави дека регионот и проширувањето на ЕУ ќе бидат нејзините најважни приоритети. Покрај новата методологија за пристапување, со што беше одблокиран процесот за интегрирање на Балканот кон европското друштво, беше истакнато и економското приближување на регионот, што е еден од важните столбови на обновената политика на проширување, пишува „Ал џезира“.

– Со оглед на инвестициските потреби на регионот не е за изненадување сѐ понагласеното присуство на разни меѓународни играчи преку инвестициите, особено во енергетскиот сектор и транспортот. Тоа не смее да биде потенцијален ризик на долги патеки. Нашата одговорност е да ја согледаме нашата улога во новото опкружување. На регионот му се потребни стратегиско и селективно инвестирање во областите што ќе овозможат развој на економијата на одржлив начин и со зголемување на конвергенцијата со ЕУ во наредните години – изјави Вархеи. Целта е да се зголеми конкурентноста на регионот за што активна улога треба да имаат владите на Западен Балкан – изјави Вархеи на „Форумот за поврзување“ во Тирана.
Во досегашниот период ЕУ го поддржуваше Западен Балкан да изгради и да ги модернизира енергетската и транспортната инфраструктура. За таа намена биле обезбедени повеќе од 11 милијарди евра во форма на грантови од Европската комисија и кредити од Европската инвестициска банка.
Одговорот на Вашингтон на новата европска финансиска офанзива на Балканот пристигна директно од Брисел, каде што извршниот директор на американската Меѓународна развојна финансиска корпорација (ДФЦ), Адам Болер, одржа конференција за медиумите, кој без дипломатско заобиколување, јасно ги искажа американските интереси над другите големи светски сили.

– Нашиот интерес на Западен Балкан се базира на нашиот економски интерес во регионот. За разлика од финансирањето што доаѓа од Кина, кое е дополнително условувано, вложувањето на САД во јавните и во приватните сектори во државите од Западен Балкан има поддршка за суверенитетот на овие држави. Кина инвестира како повластен и надмоќен играч. Верувам дека кинескиот пристап е некој вид неоколонијализам – изјави Болер, пренесе Радио Слободна Европа.
Според него, за ДФЦ е важно да ја оствари улогата како алтернативен инвеститор во проекти што ги остваруваат самите држави. Болер не можеше да каже за висината на средствата што ќе бидат наменети за проекти од регионот, зашто, како што објасни, тоа зависи од предлозите што ќе бидат понудени.
– Среќни сме да им бидеме партнери на нашите сојузници. Инвестираме многу заедно со сојузниците од Европа, зашто мојата задача првенствено е почитување на независноста и суверенитетот на тие држави, а не тие да бидат ставени во подредена состојба и да паднат под влијание на инвестициите – одговори Болер, на прашањето за изјавата на официјални лица на ЕУ дека бриселските институции веќе финансираат некои проекти во земјите во Балканот, а пред сѐ проектите што беа посочени при потпишувањето на Договорот за нормализација на економските односи меѓу Србија и Косово, минатиот месец во Вашингтон.

Претходно извршниот директор на ДФЦ и косовскиот премиер Авдулах Хоти во Приштина потпишаа заедничка изјава „за експедитивно заклучување нов договор за потикнување на инвестициите меѓу Косово и САД“. Од српското министерство за градежништво соопштија дека вредноста на инфраструктурните проекти за поврзување на Белград и Приштина е во износ од 3,7 милијарди евра.
За вистинските намери од спроведувањето на договорот за економска нормализација меѓу Србија и Косово, говори изјавата на поранешниот врховен командант на НАТО Весли Кларк, дадена за „Гласот на Америка“. Тој смета дека овој договор може да биде исклучително корисен за економиите на двете земји и за поширокиот Балкан, но само доколку биде намалено влијанието на Кина и на Русија во регионот.
– Сметам дека секоја можност за преговори, особено под покровителството на САД, е позитивен исчекор за економскиот развој. Важно е крупните странски вложувања во земјите да бидат усогласени со нивните безбедносни интереси, зашто инвестициите однадвор носат и „политички опашки“. Многу внимателно ги следам инвестициите што влегуваат во Србија од Русија, Кина и другите земји.

Ги следам политичките последици на тие вложувања. Верувам дека Владата на Косово би требало да води сметка за тоа и за сопствените интереси – вели Весли Кларк за „Гласот на Америка“.
На мапата на глобалните игри за стекнување предност во енергетскиот сектор во регионот е влезена и Македонија. Македонскиот премиер Зоран Заев, по вчерашната средба со помошник-државниот секретар за енергетика на САД Францис Фанон во Скопје, објави дека нашата земја ќе се вклучи во изградба на терминалот за течен природен гас во близината на Александропулос.
– Овој проект создава можност за трајно и стабилно снабдување со гас за нашата земја, која ќе стане и точка од каде што гасот ќе се дистрибуира во регионот и земјите што ќе покажат интерес – нагласи Заев.
Според него, ова поврзување е значајно, бидејќи ќе обезбеди уште една можност за добивање гас од Азербејџан.