Словенечкиот шестмесечен мандат на заседавање со ЕУ помина со многу оптимистички најави за „европската перспектива“ на балканските земји, но во исто време проследени и со критики за состојбата во овие земји, која беше оценувана како „многу разочарувачка“. Алибито што Брисел го правеше за непроширување се одразуваше во нивните административни млаки оптимистички пораки за поддршка на напорите за проширување, по правило покривани со сѐ посилни критики на земјите од регионот, за начинот на автократското владеење, поврзаноста со криминалот и корупцијата и растечката националистичка и популистичка реторика, која е главен фактор за одржување на партиите на власт

Позициите на земјите-членки на Европската Унија кон земјите од Западен Балкан се непроменети пред крајот на годината, кога завршува и претседавањето на Словенија, која се залагаше за придвижување на процесот за проширување. Словенечкиот шестмесечен мандат на заседавање со ЕУ помина со многу оптимистички најави за „европската перспектива“ на балканските земји, но во исто време проследени и со критики за состојбата во овие земји, која беше оценувана како „многу разочарувачка“. Негативните оцени од Брисел се однесуваа на кревката демократија и неприменувањето на европските стандарди и закони. Млаките оптимистички пораки на европските челници за поддршка на напорите за проширување, по правило, беа покривани со сѐ посилни критики на земјите од регионот, за начинот на автократското владеење, поврзаноста со криминалот и корупцијата и растечката националистичка и популистичка реторика, која е главен фактор за одржување на партиите на власт.
Министрите за надворешни работи во мај годинава во Брисел одржаа стратегиска дебата за состојбата во земјите од Западен Балкан, прва расправа за регионот по две години. Европскиот шеф на дипломатијата, Жозеп Борел, тогаш нагласи дека Западен Балкан има геостратегиска важност за ЕУ, а беше искажана и порака за „недвосмислената европска перспектива за целиот регион“. Ни последните вести од Брисел не се охрабрувачки за земјите од Западен Балкан, кога станува збор за можното одмрзнување на процесот на преговори за проширување на ЕУ.
Шефовите на дипломатијата на земјите од Европската Унија на заседавањето во вторникот оценија дека Србија направила напредок, но дека е потребно да направи дополнителни чекори во реформите на Уставот, за да може да се надева на отворање нови кластери во преговорите за членство со ЕУ во декември, како што изјави Гашпер Довжан, словенечкиот државен секретар за надворешни работи.
– Шефовите на дипломатијата ја истакнале определбата на ЕУ за проширување, а бил искажан и позитивниот став кон позициите на Европската комисија, кои биле детално објаснети од европскиот комесар за проширување Оливер Вархеи – пренесува агенцијата „Бета“.

Од Исток ништо ново

Медиумите во Бугарија, по состанокот на Советот за општи работи во Брисел, информираа дека нема промена во ставот на Бугарија за почеток на преговорите со Македонија за влез во ЕУ по состанокот на Советот за општи работи. Бугарското вето останува, иако, според дипломатски извор, планираниот остар став на Бугарија, кој требало да биде искажан пред Советот, не бил изразен поради трагедијата на автопатот Струма, објави БНР.
Постојаниот претставник на Бугарија во ЕУ, Румен Александров, изразил длабоко сочувство за инцидентот во кој загинаа 45 македонски граѓани, но истакнал дека Македонија сѐ уште не ги исполнува критериумите за одржување на првата меѓувладина конференција.
Тој додал дека Бугарија во последните месеци предложила голем број опции за надминување на отворените прашања, како гаранции за правата на луѓето со „бугарска самосвест“, како и дека Македонија треба да преземе конкретни обврзувачки обврски, од кои некои треба да бидат исполнети на краток рок, а преостанатите да бидат меѓу барањата на идната преговарачка рамка.
– Сѐ додека не се случи тоа, не може да се очекува напредок – рекол Александров.
На прашањето на новинарите дали во расправата на министрите Бугарија отстапила од противењето на отворањето на преговорите на ЕУ со Македонија, Довжан одговорил дека постои надеж дека ова, како што рекол тој, билатерално прашање би можело да се реши меѓу Скопје и Софија.
– Во прашање се кредибилноста на ЕУ и самиот процес на проширување. Многу министри го поддржале отворањето на преговорите со Скопје и со Тирана – изјавил Довжан.

И Сараево и Белград ја слушаат истата расипана плоча

Активностите на Србија во процесот на пристапување во ЕУ биле тема на разговори и на средбата меѓу министерката за европски интеграции Јадранка Јоксимовиќ со амбасадорот на Словенија во Белград, Дамјан Бергант.
– Подршката што Србија ја добива од Словенија, во целиот процес на претседавање, е поддршка на реформите што одговорно и претежно ги спроведуваме. Србија ги следи со несмалено темпо препораките од извештајот на Европската комисија за 2021 година. Но отворањето на кластерите за кои ги исполнивме сите мерила би претставувало валоризација на постигнатите реформи, а и поттик не само за нашата земја туку и за регионот – изјави Јоксимовиќ.
Словенечкиот амбасадор изјави дека „ЕУ очекува доследно применување на принципите содржани во новата методологија за проширување, за да може да се зачува и кредибилноста на самата Унија“.
Со истите очекувања вчера во Сараево допатува и европскиот комесар за соседство и проширување, Оливер Вархеи, кој се сретна со високи претставници на Босна и Херцеговина. Пред посетата на БиХ, тој истакна дека „очекува од лидерите на БиХ да се вратат во институциите и да ја одблокираат нивната работа“.
БиХ нема повеќе време за чекање – напиша Вархеи на својот налог на Твитер, по почетните разговори со претставниците на БиХ.