Земјите од регионот започнуваат да практикуваат мерки за брзо тестирање на туристите, а за овие чекори експертската јавност вели дека се добар потег да му се помогне на балканскиот туризам во услови на пандемија

Може ли брзите ПЦР-тестови за дијагностицирање на ковид-19 да бидат спасот за туризмот во регионот? Ова е дилемата што е актуелна деновиве и за која пишуваат балканските медиуми, откако повеќе земји, меѓу кои Албанија, Грција и Бугарија, започнаа да ги применуваат брзите ПЦР-тестови за влез во земјите и во туристичките центри. Според новинските извештаи, ова е единствениот излез на владите за заживување на и онака слабата туристичка сезона во центрите за летување, каде што властите во исто време би го заштитиле своето население и би биле сигурни да не дојде до неконтролирано ширење на инфекцијата.

Имено, брзите тестови, кои не се новина за јавноста, од неодамна се воведоа кај западниот сосед, каде што Владата во Тирана се одлучи да набави брзи тестови за оние што ќе летуваат кај нив, а ќе се пожалат на симптоми на коронавирусот.

Албанската министерската за здравство соопшти дека во секоја здравствена амбуланта во крајбрежните и планинските туристички области се нуди 24-часовна услуга за секоја итна медицинска помош, како и бесплатен брз тест за туристите во случај на појава на симптоми на коронавирусот.
– Заедно да се погрижиме за безбедна туристичка сезона – изјави министерката. Интересно е што албанските граници се отворени за туристите без никакви ограничувања за влез, односно не е потребен никаков ковид-документ.
Во меѓувреме можноста за влез во Грција и со негативен антигенски брз тест и зголемување на возраста од шест на 12 години за задолжителниот тест, се двете промени на правилата за влез во земјата, кои од неодамна стапија во сила. Па, така, како што пренесуваат медиумите, за патување во Грција за време на летните одмори, покрај задолжителниот документ поврзан со ковид-19, односно сертификатот доколку сте вакцинирани или негативен ПЦР-тест пред патувањето, од скоро ќе биде дозволено и влегување во земјата со негативен брз ПЦР-тест.

Промените минатата недела ги најави заменик-министерот за цивилна заштита на Грција, Никос Хардаљас, кој рече дека земјите ќе бидат поделени во зелена, портокалова и црвена категорија. Грчки „Катимерини“ на оваа тема пишува дека овие тестови можат да направат пресврт во туристичката сезона и да ѝ помогнат на економијата, шри што во исто време туристите и граѓаните ќе бидат сигурни.
Слично како и Грција и Албанија, и бугарските власти се на ум да започнат да го применуваат брзиот тест како услов за влез на границите, но и како средство за безбедност во туристичките центри.

Инаку, овие тестови за лична употреба веќе се во продажба низ неколку земји во Европа. Меѓу првите држави што веќе ги пуштија во употреба овие тестови е Германија, каде што тамошните медиуми пишуваат дека тие можеби ќе бидат чекорот по кој земјата засекогаш ќе излезе од ограничувањата. Имено, германската влада планира во наредниот период да ги презема трошоците за брзите тестови, јавува „Дојче веле“. Секој човек во земјата тогаш има право на еден брз тест неделно, кој може да го направи во центар за тестирање на коронавирус, во ординација или на работното место. Тестовите треба да ги прави школуван персонал. Во фокусот се особено деца што посетуваат градинки, ученици, наставници и воспитувачи, за да може градинките и училиштата да останат отворени.

Министерот за здравство Јенс Шпан минатата недела изјави дека Владата нарачала најмалку 200 милиони тестови за лична употреба и 800 милиони брзи тестови, од кои 150 милиони се веќе во магацините на доставувачите. Тестовите за домашна употреба функционираат по истиот принцип како и брзите тестови, но брисот од нос и грло може да го земе и лаик. Претходно се дебатираше и за два теста неделно по жител, што ќе значеше околу 160 милиони тестови.