Властите во Босна и Херцеговина соопштија дека десетици мигранти кои со денови кампуваа близу границата со Хрватска, се префрлени во центарот за мигранти во северозападна Босна.

Според полицијата, мигрантите денеска се префрлени со автобуси, без инциденти, што би овозможило отворање на граничниот премин, кој беше блокиран по нивното пристигнување минатата недела.

Мигрантите пристигнаа во областа со надеж дека ќе им биде дозволено да преминат во Хрватска.

Меѓу нив и босанската полиција имаше судири, кои се случија кога тие се обидоа илегално да ја преминат границата.

Бројот на илегалните мигранти, кои влегле во Босна и Херцеговина и биле регистрирани од надлежните органи од почетокот на оваа година, достигна над 20.000 луѓе, вклучувајќи и 500 деца, од кои 60 без придружник, информира денеска босанската министерка за човековите права и прашања за бегалците Семиха Боровац.