Владејачката бугарска партија ГЕРБ ќе предложи влада и покрај малите шанси таа да биде поддржана, објави во понеделникот вицепремиерот Томислав Дончев на брифинг во седиштето на партијата, јавија бугарските медиуми. Тој одби да каже кој ќе биде номиниран за премиер, откако претходно ГЕРБ рече дека тоа нема да биде актуелниот Бојко Борисов.
Во деновите по изборите, другите партии што влегоа во парламентот веќе изјавија дека нема да ја поддржат владата на ГЕРБ. Покрај Има таков народ на Слави Трифонов, Демократска Бугарија, Исправи се! Мутри надвор и БСП соопштија дека нема да поддржат влада на ГЕРБ, а тоа изненадувачки го направи и премолчениот сојузник на Борисов, партијата на Турците, ДПС.
– Обидот ГЕРБ да биде заобиколен при составувањето на Владата може да доведе до криза. Повеќе од една четвртина од гласачите беа за ГЕРБ – рече поранешниот шеф на дипломатијата, Даниел Митов.
Новиот парламент се очекува да биде свикан в четврток. Потоа треба да се избере неговото раководство, а претседателот треба да биде од партијата на Слави Трифонов.