Слави Трифонов треба да отиде да го земе мандатот и да објасни зошто не може да ја управува државата со 165 пратеници. Ова го изјави бугарскиот премиер во заминување, Бојко Борисов, откако првиот човек на „Има такви луѓе“, изјави дека ќе неговата партија ќе го врати мандатот за состав на влада.

– Тоа се нарекува политички страшливец. Страшливец е оној кој со 165 пратеници вели дека не му се доволни и сака 240 – рече Борисов.

Осврнувајќи се на предлогот на Трифонов за назначување на шампионката во шах, Антоанета Стефанова како кандидат за премиер, Борисов изјави дека никој не ја оспорува титулата во шах, но тука станува збор за управување и политика.

– Целата моја почит кон Антоанета Стефанова, но ако стане премиер, таа за сè ќе оди да го прашува пратеникот Слави Трифонов. Интересно беше да се видат нивните експерти и министри. Со Стефанова ќе треба да разговарам само за шахот. Малку се експертите кои можат да го оспорат нејзиното знаење во оваа област, но тука станува збор за нешто друго – рече премиерот во оставка.

Борисов додаде дека за нови избори ќе бидат потрошени повеќе од 200 милиони лева. Наместо овие пари да одат во економијата, ќе се гласа повторно кој да освои мнозинство.

Слави Трифонов утрово на Фејсбук ја објави кандидатурата на Антоанета Стефанова од „Има таков народ“ за премиер. Таа веднаш ќе го врати мандатот затоа што, според Трифонов, неговата партија нема доволно пратеници за формирање влада. Сепак, дел од аналитичарите се убедени дека „Има таков народ“ верува оти на нови избори ќе освои поголем број пратенички места, и ќе има поголеми шанси за формирање стабилна влада.

Минатата недела мандатот го врати и кандидатот на ГЕРБ – партијата на досегашниот премиер Бојко Борисов, која освои најмногу гласови на изборите во Бугарија. Со новонастанатата ситуација, се повеќе извесно е дека бугарскиот претседател, Румен Радев ќе мора бара трет мандатар. Доколку и овој обид е неуспешен, Радев според уставот ќе мора да го распушти парламентот и да распише нови избори во рок од два месеца.