Бугарскиот премиер Бојко Борисов се соочува со најголемата битка во неговата политичка кариера по слабиот резултат на вчерашните парламентарни избори, кој не обезбедува отворен пат за формирање на коалициска влада, пишува „Политико“.

Партијата ГЕРБ на Борисов доминира во бугарската политика повеќе од една деценија, во кој период поранешниот градоначалник на Софија стана еден од најдоверливите сојузници во ЕУ на германската канцеларка Ангелка Меркел. Тој исто така е клучна фигура во Европската народна партија, која постојано прави отстапки за Софија, по скандалите кои вклучуваат злоупотреба на фондовите на ЕУ.

Иако ГЕРБ освои најмногу гласови – вкупно 24,2 отсто според прелиминарните резултати, изгледите на Борисов за задржување на премиерската функција делуваат разнишани. За да го стори тоа, тој ќе треба да придобие поддршка меѓу останатите шест партии кои ќе влезат во расцепканиот парламент.

– Првичните резултати сугерираат дека Борисов ги загуби изборите. Борисов ќе стори се, но делува малку веројатно дека ќе може да формира влада и да ја задржи премиерската функција. Сега Борисов ќе се мачи да опстане. Формирањето на коалициска влада се покажува како голем предизвик – смета Даниел Смилов, политичкиот аналитичар од Центарот за либерални стратегии во Софија.

Наспроти резултатите од изборите, Борисов е искусен политичар кој нема да замине тивко. Тој ја задржа позицијата и за време на политичките протести одржувани летоска, а неговото синоќешно обраќање преку Фејсбук сугерира дека ќе се обиде да оствари нов подвиг преку обезбедување на широка експертска влада што ќе ја води Бугарија низ корона-кризата.

Противниците на Борисов, пак, веќе го предвидуваат крајот на ерата на неговото владеење.

– Рано е за прослава, но мислам дека едно е сигурно – ова е крајот на Борисов. Веќе не можеме да разговараме за четврта влада предводена од Борисов – вели Николај Хаџигенов, еден од предводниците на антивладините протести во Бугарија.