Кога САД воведоа санкции за двајца бугарски бизнисмени и разунавач, како и за повеќе од 60 компании, опозиционерот Христо Иванов кој се залага и за борба против корупцијата, го поздрави пријателскиот гест на Вашингтон, пишува „Фајненшл тајмс“.

Акцијата на американските власти, најобемната во рамки на актот Магнитски, се случи на шест недели пред парламентарните избори во Бугарија на кои Бојко Борисов ќе се бори за својот политички опстанок и додека бугарската јавност жестоко реагира против корупцијата.

Опозиционерите и аналитичарите велат дека потегот на САД е сметан од страна на Бугарите како одговор на неактивноста на ЕУ во нејзиниот сопствен двор.

Борисов кој е цврст сојузник на германската канцеларка Ангела Меркел, беше премиер на Бугарија во текот на 12 години, со неколку кратки прекини. Критичарите велат дека тој владееше во деценија на корупција, непотизам и на економски неуспеси.

Гневот на јавноста поради корупцијата поттикна петмесечни протести минатата година, срозувајќи ја поддршката за партијата на Борсов ГЕРБ, која не можеше да формира влада иако освои најголем број на гласови на изборите одржани во април. Токму затоа се закажани нови избори на 11 јули.

Според Американската Канцеларија за контрола на странски средства (ОФАЦ) тројцата Бугари беа санкционирани поради корупција која вклучува „несоодветно користење на државните средства, присвојување на приватни средства за лична корист и корупција поврзана со владини договори за екстракција на природните ресурси или мито“.  Бугарската пратеничка Елена Јончева смета дека најважно прашање е кого тие поткупиле во владата.

Борисов се дистанцираше од еден од тројцата Бугари кои беа цел на санкциите, но се смета дека тешко ќе ја убеди јавноста во тоа, со зголемувањето на притисокот. Бугарската привремена влада веќе истражува обвинувања според кои најмалку 32 политичари од опозициските партии биле прислушувани во пресрет на изборите во април. Бугарија, наводно, претставува и цел на специјалниот мониторинг за корупција на ЕУ.