Бугарскиот премиер Бојко Борисов денеска изјави дека кризата во Трговскиот регистар на Бугарија е надмината, откако системот колабираше поради техничка грешка, јави новинската агенција БТА.

Според премиерот, причините за проблемот биле утврдени 24 часа по дефектот, и податоците успешно се извлекуваат од расипаните хард дискови. Досега, рече Борисов, се обновени податоците за регистрираните компании до средината на јули 2018 година, и се работи на враќање на податоците од остатокот на јули и август во системот.

– Добив уверување од државната агенција за Електронско управување дека ќе имаме целосно функционален Трговски регистар, и тоа можеби до крајот на неделата, изјави Борисов, кој денеска се обрати на вонредната седница на бугарското Собрание за проблемите во електронските бази на податоци.