Досега бугарскиот премиер ги искористуваше сличните општествено напнати ситуации во земјата за да си обезбеди предност пред организирање нови избори

Бугарскиот премиер Бојко Борисов е во ситуација кога мора да одлучи дали доброволно да се откаже од власта. Тоа досега го направи двапати и успеа во намерите да остане на власт. Но првпат тој нема да поднесе оставка, бидејќи тој знае дека ова може да биде крајот. Веќе е јасно дека Бојко Борисов нема да поднесе оставка по третпат поради протестите против цените на горивото, кои прераснаа во незадоволство од „ниски плати“. Ниту ќе го реформира кабинетот со прифаќање министерски оставки. Тој нема да побара оставка на заменик-премиерот Валериј Симеонов – и покрај неговиот циничен вокабулар кон протестите на мајките на децата со попреченост, пишува во коментарот на „Дојче веле“, за последните настани на политичката сцена во Бугарија.

Зголеменото присуство на премиерот во медиумите, кое доаѓа по долгото молчење, покажува многу за состојбата на моќта и претстојните обиди на Борисов да остане во неа. Досега премиерот ги искористуваше сличните општествено напнати ситуации, за да си обезбеди предност пред организирање нови избори. Но денес Борисов очигледно не ја користи оваа можност, а последното негово интервју на телевизија покажа дека премиерот се наоѓа во тесен сокак, заклучува „Дојче веле“.

Во сите претходни случаи премиерот беше во можност да ги контролира непосредните и радикални активности. За времето на сите негови влади тој формира имиџ на бескомпромисен лидер, кој нема сентименталност кон „престапниците“.

Од зборовите и постапките на премиерот веќе се гледа дека тој не може да управува сам и силно се потпира на партнери што се далеку од европските вредности. Ако во претходните мандати ГЕРБ имаше многу поголема поддршка и успеваше да конструира мнозинството од неколку формации што беа ангажирани да се противат една на друга, но никогаш на ГЕРБ, оставајќи го неговиот лик чист и беспрекорен, сега ситуацијата е радикално поинаква. Денес Владата во Бугарија е формално зависна од коалицијата со националистичка групација, а тоа значи дека Борисов е должен да се придржува до неа, без можност да ја замени тивко со друг поподобен партнер.

Од настапот на премиерот стана јасно дека премиерот е во уште една неповолна позиција: претседателската институција не е во „сопственост“ на ГЕРБ и затоа Борисов е сигурен дека ако го повтори сценариото со оставката, тешко дека ќе може да ја задржи власта. Дури и нешто повеќе – поради природата на политиката во Бугарија и поради врските меѓу шефот на државата Румен Радев и БСП, евентуално владата на претседателот ќе има сосема поинаков пристап и ќе се обиде да им даде предност на социјалистите за формирање ново парламентарно мнозинство, се вели во анализата на „Дојче веле“.