Поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов изјави дека не дал наредба да се прислушуваат политичарите во земјата, оценувајќи дека тоа, според него, би било многу погрешно и никогаш не размислувал за тоа.
Информацијата за прислушувањето на 32 опозициски политичари дојде од потпретседателот на Демократска Бугарија, Атанас Атанасов, а вршителот на должноста министер за внатрешни работи Бојко Рашков потврди дека Државната агенција за национална безбедност извршила такво прислушување и ги избришала доказите.
Борисов смета дека не е формирана редовна влада во Бугарија за да се исполнат „валканите наредби“ на Бугарската социјалистичка партија и придружбата на претседателот Румен Радев.
Лидерката на бугарските социјалисти, Корнелија Нинова, повика на откривање на сите факти за прислушувањето. Бојко Борисов истакна дека ГЕРБ е „исклучително загрижен“ за одржувањето на предвремените парламентарни избори во Бугарија на 11 јули.