За парламентарните избори во Бугарија, на 4 април, документи за учество доставиле 31 партија и осум коалиции, објави портпаролката на Централната изборна комисија, Тања Цанева, по истекот на рокот за прифаќање на документите.
Владејачката партија на премиерот Бојко Борисов, ГЕРБ, првпат од основањето во 2007 година, ѝ се приклучи на коалицијата. ГЕРБ склучи предизборен сојуз со најстарата антикомунистичка партија, Унијата на демократски сили (УДФ), основана по соборувањето на диктаторот Тодор Живков кон крајот на 1989 година. Двете партии веќе имаат искуство со заедничко учество на европските и локалните избори во 2019 година.
Меѓу пријавените е и партијата Русофили за преродба на татковината, предводена од Николај Малинов, а основана во 2008 година од поранешниот министер за одбрана Јордан Мутафчиев. Парламентарните избори во Бугарија ќе чинат 1,5 милион евра повеќе поради коронавирусот, со што вкупната сума за нивно одржување ќе се искачи на околу 52 милиони евра.
Бугарските избори особено се интересни во Македонија поради најавите на некои од политичарите, и од Бугарија и од Македонија, дека по изборите во април може да почнат да се решаваат некои од спорните прашања меѓу Софија и Скопје, а некои од нив беа и причина за ветото на Бугарија за преговарачката рамка на Македонија со Европската Унија, ставено лани во декември, пренесе Радио Слободна Европа.