Приштинските власти со блиндирани возила, но и голем број специјални полициски сили вчера почнаа ненајавена акција, во која ги отстрануваат српските регистарски таблички на возилата од северот на земјата, но и оние од централна Србија што влегуваат во Косово. Ваквиот чекор ги вознемири граѓаните од тој дел на Косово и паралелно го вклучи безбедносниот аларм во регионот. Иако за акцијата немаше претходна најава од страна на косовските институции, Министерството за внатрешни работи на Косово вчера кратко информира дека се вршат акции што се однесуваат на спроведување на Бриселскиот договор за слобода на движење

Нови тензии на релацијата помеѓу Србија и Косово

Косово и Србија повторно ги ставаат на безбедносен испит своите меѓусебни односи. Имено, приштинските власти со блиндирани возила, но и голем број специјални полициски сили вчера почнаа ненајавена акција во која без предупредување ги отстрануваат српските регистарски таблички на возилата од северот на земјата, но и оние од централана Србија што влегуваат и во Косово. Ваквиот чекор силно ги вознемири граѓаните од тој дел на Косово и паралелно го вклучи безбедносниот аларм во регионот.
Тензичната атмосфера предизвика реакција и од Европската Унија, која преку својот портпарол Петер Стано упати повик до Белград и Приштина веднаш да ги спуштат тензиите и да се воздржат од еднострани потези. Стано додаде дека специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, кој вчера беше во Белград, веќе договорил состанок со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а во меѓувреме одржувал телефонски контакт со лидерите на Косово во врска со новонастанатата ситуација. Тој потенцира дека слободата на движење е една од основите на ЕУ и дека од Белград и Приштина се очекува да ја промовираат таа слобода во регионот.
За тензијата интензивно информираа голем број медиуми од Косово и од Србија, а меѓу првите државната српска телевизија РТС информира дека блиндирани возила и голем број специјални сили на косовската полиција „Росу“ од вчераутро се распоредени на двата административни премина на северот на Косово, Јариње и Брњак. Како што јави телевизијата, тензиите во тој дел се менуваа од час на час, бидејќи сообраќајот беше блокиран, а косовската специјална полиција без некакви претходни објаснувања им ги одземаше регистарските таблички на граѓаните од северот на земјата и не дозволуваше влез на автомобили од Србија без дополнително патничко осигурување.

Игор Симиќ од Српската листа изјави дека Србите од Косово се лути поради потегот на Приштина да испрати единици на „Росу“ на административните премини Јариње и Брњак. Тој во настап на еден од регионалните медиуми рече дека Србите од Косово се длабоко вознемирени, затоа што Приштина испратила над 20 оклопни возила, со специјални сили вооружени до заби. Според него, тие се лути и во моментов вршат контрола на административните премини.
Иако за акцијата немаше претходна најава од страна на косовските институции, Министерството за внатрешни работи на Косово, во соработка со полицијата, вчера кратко информира дека во моментот се вршат акции на граничните премини на северот на Косово што се однесуваат на спроведување на Бриселскиот договор за слобода на движењето.
Ова на својот фејсбук-профил го потврди министерот за внатрешни работи Џељал Свекла, истакнувајќи дека станува збор за рутински активности насочени кон зачувување на јавниот и уставниот поредок.
– За да им се овозможи слободно движење на граѓаните врз основа на договорот од 14 септември 2016 година, кој истече деновиве, Министерството за внатрешни работи донесе одлука со која се уредува и се обврзува да се обезбедат привремени регистарски таблички за сите возила со српски регистарски таблички – напиша Свекла.
Тој додаде дека косовското МВР ги презело сите неопходни мерки за зачувување на мирот на граничните премини.

Во меѓувреме, на последните случувања реагираше официјален Белград, така што српскиот претседател Александар Вучиќ за денеска во 10 часот закажа итна седница на Советот за национална безбедност, на која главна тема ќе бидат настаните во Косово и Метохија.
Според белградските медиуми, тема на состанокот ќе бидат последните случувања поврзани со Србите во Косово, како и најновата одлука за отстранување регистарски таблички од српските автомобили, со која, како што пишува „Блиц“, владата на Албин Курти го доведе Косово на работ на нови конфликти.
Според најавите, на седницата ќе се дискутира и за отворената опструкција и избегнувањето на Приштина за спроведување на договорот од Брисел од 2011 година, односно спроведување на овие акти само во делот што им одговара на Албанците. Неофицијално, се размислува да се разгледува и опцијата за повлекување на Белград од сите претходни договори, бидејќи, според српските медиуми, приштинската страна практично не исполнила никаква одредба или обврска.
Извори на српските медиуми пренесуваат дека на денешната седница бил поканет и началникот на Генералштабот на Војската на Србија, Милан Мојсиловиќ, како и началниците на сите специјални единици на вооружените сили на Србија.