Фото: Игор Бансколиев

Здравствените власти во земјите од регионот, покрај со зголемениот број на заболени лица од ковид-19, се соочуваат и со сѐ поголемите притисоци за олабавување на мерките пред претстојните верски празници, но и со изразената недоверба кај дел од граѓаните и медицинските лица во однос на потребата за вакцинација против коронавирусот

Националните тимови во земјите од регионот, кои се задолжени за спречување на ширењето на коронавирусот, се изложени на повеќе предизвици. Покрај зголемениот број на заболени и починати лица во овој трет и најсилен бран на епидемијата, тие се соочуваат и со сѐ посилните притисоци на разни лоби-групи за попуштање на мерките за заштита од ковид-19, но и на разбивање на несигурноста кај населението во однос на потребата од вакцинација, заради постигнување поголем имунитет кај популацијата. Се чини, Србија влегува во „најкритичната“ фаза од имунизацијата, каде што бројот на новопријавени граѓани за имунизација е многу помал од бројот на набавените вакцини. Деновиве српските власти презедоа полициска акција за спречување на негативната кампања што се ширеше од одредени лица, кои припаѓаат на т.н. антиваксерско лоби. Но и покрај масовната кампања за вакцинирање и за безбедноста на вакцините, сѐ уште е присутен стравот кај луѓето за примање на првата доза, а меѓу нив се и голем дел од здравствените работници. Во другите земји, во кои има недоволно вакцини, се соочуваат со силно спротивставените ставови на дел од граѓаните за примената на порестриктивните мерки пред верските празници.

Ковид-болниците во Србија се преполни, но сепак персоналот што таму работи сѐ уште не е вакциниран. Соговорниците на „Дојче веле“ велат дека на некои клиники 70 отсто од лекарите се вакцинирани, а на некои тој процент е под 20 отсто! Радмило Јанковиќ, кој е координатор за ковид-болниците на југот на Србија, вели дека се вакцинирани околу две илјади медицинари, што е помалку од вкупниот лекарски персонал. Затоа од Кризниот штаб на Србија се предлага задолжителна вакцинација за лекарите и медицинските лица, како што тоа важеше и при масовната епидемија на грип и хепатитис Б.
– Вакцинацијата за лицата од здравствените институции не смее да биде работа на личен избор. Особено во вакво епидемиолошко опкружување. Има голема циркулација на вирусот, а тоа е голем општествен проблем. Овде не станува збор за лични права, кога со невакцинирањето се нарушува здравјето на другото население. Недозволиво е некој од медицинскиот персонал да зарази некој од пациентите – вели Јанковиќ за „Дојче веле“.
Во Босна и Херцеговина деновиве владее невообичаена слика поврзана со здравствената и економската криза предизвикана пандемијата со коронавирусот. На една страна од „фронтот“ се група активисти и граѓани што негодуваат поради ненавремената набавка на вакцини, за што побараа и оставки од одговорните лица во федералната и ентитетската власт.

По тој повод, вчера пред Владата на федерацијата на БиХ во Сараево беше одржан протест поради „хаосот што владе во земјата во која секој ден умираат по 50 лица“. Меѓу нивните барања за излез од кризата се и именување на нов состав на Советот на министри на БиХ и Владата на ФБиХ, кои во рок од 14 дена треба да излезат со јасни и реални планови за управување на кризата и борбата против пандемијата. Од друга страна, властите на БиХ се немоќни пред сѐ поголемиот отпор од граѓаните, но и од носителите на малите бизниси, пред сѐ во услужната дејност, кои одбиваат да ги почитуваат препораките за спречување на ширењето на коронавирусот. Инспекциските органи се сѐ повеќе изложени на закани, но и вербални и физички напади, при контролата на угостителските објекти во Република Српска и во Федерацијата БиХ.

Во Македонија нема некое поголемо антиваксерско движење, освен некои реакции на поединци на социјалните мрежи. Министерот за здравство Венко Филипче рече дека досега се вакцинирани над 90 отсто од здравствените работници во ковид-центрите, а оние што се пријавиле од другите здравствени установи ќе се вакцинираат во текот на деновиве. Министерот Филипче смета дека не е добро да има опуштање на граѓаните пред верските празници Рамазан-бајрам и Велигден.
– Во изминатиов период имаше голем притисок во здравствениот систем. Минатата година за празниците се искомплицира состојбата со ковид-19. И затоа сега ги воведуваме овие мерки во овој трет најсилен бран. Мерките дадоа ефект во многу градови. Сметаме дека треба таква рестрикција, за да се намали притисокот врз болниците. Мораме да го олабавиме притисокот врз болничките установи – истакна вчера министерот Венко Филипче.