Опозициските партии во земјите од Западен Балкан се многу погласни во предизборниот период, кога даваат силни ветувања пред граѓаните за спречување на корупцијата, а нивната антикорупциска желба брзо спласнува по освојувањето на власта

Партиите од опозицијата во земјите од Западен Балкан како најсилно оружје за освојување на власта ги користат ветувањата за искоренување на корупцијата што е присутна во високите структури на актуелната извршна власт. Спроведување еднаква правда за сите е паролата на која опозициските партии се обидуваат да ја добијат довербата од гласачите. Поранешната македонска опозициска партија СДСМ неколку години маршираше под слоганот „Нема правда, нема мир“, во обид да ја освои власта и да ја спречи високата корупција кај поранешните носители на власта. Со истиот рецепт за освојување на власта се послужи и опозицијата во Црна Гора, која по смената на долгогодишното владеење на партијата на Мило Ѓукановиќ, секојдневно излегува со информации за наводни сторени финансиски злоупотреби од претходната социјалистичка власт. И лидерот на Самоопределување, Албин Курти, на предвремените парламентарни избори на Косово настапи со ветување за искоренување на високата корупција. Ова беше едно од ветувањата што му донесоа убедлива победа и можност самостојно да ја составува идната косовска влада. Со истата антикорупциска реторика настапува и албанската опозиција, предводена од Љуљзим Баша и Илир Мета, кои со заеднички сили атакуваат на премиерското место на кое се наоѓа Еди Рама.

Покрај силните предизборни ветувања, сличностите во настапите на поранешните опозиционери се гледаат и по начинот на практикување на власта во првите денови по формирањето на новите влади во земјите од регионот. Во Македонија по смената на власта на ВМРО-ДПМНЕ, јавноста беше информирана за голем број случаи за постоење на можни финансиски злоупотреби, кои со текот на времето беа подзаборавени од јавноста или, пак, завршуваа во долгите и неизвесни судски постапки. Ветениот бројчаник што ќе ги мери сумите за одземениот нелегално стекнат имот никогаш не проработи во полн капацитет, според дадените предизборни ветувања. Истата слика сега се повторува и во Црна Гора, каде што граѓаните секоја недела се информирани за некој нов случај за можни финансиски злоупотреби на претставници од претходната извршна власт.
Во Црна Гора најактивен во објавувањето на вести за „новата борба против корупцијата“ е потпретседателот на црногорската влада Дритан Абазовиќ, кој неделава на сите ѕвона објави дека во Министерството за внатрешни работи е откриена проневера од над милион евра. Станува збор за злоупотреба на донацијата на Европската Унија за набавка на опрема за надзор на морската граница кон Хрватска и Албанија, пренесува „Новости“.
– Средствата се обезбедени од ЕУ за директна буџетска поддршка, преку шенгенскиот акциски план. Опремата што е купена не работи повеќе од една година. Ова дава лоша слика за нас кон европските партнери, кои сакаат да дадат директна буџетска поддршка во висина од 20 милиони евра – изјави Абазовиќ.

Незадоволството на косовските граѓани од високата корупција кај поранешните припадници за распуштената ОВК беше клучниот фактор за победата на Албин Курти на изборите во февруари годинава. Тој настапи со силни ветувања за „демократизација на општеството и за демонтажа на корумпираниот систем на Косово“. Партијата Самоопределување го користеше слоганот „Сите право“, со кој објави војна против корупцијата и најави јакнење на правната држава. Но како што се забележува во текстот на „Дојче веле“, и идниот косовски премиер сам е исправен пред дилемата за почитување на правната држава! Како што е познато, тој се соочува со последиците од пресудата на Врховниот суд, затоа што во 2015 година, додека беше во опозиција, во собраниската сала фрлал солзавец. Оттука се поставува и дилемата дали тој може да биде и премиер на новата косовска влада.
Корупцијата и невладеењето на правото се главните забелешки што се содржани во сите меѓународни извештаи што се однесуваат на земјите од Западен Балкан. Општиот заклучок е дека корупцијата останува длабоко вкоренета во сите земји и уште долго ќе остане да биде дел од нивниот општествено-политички систем.

„Транспаренси интернешнл“ кон крајот на минатата година го објави редовниот извештај за перцепцијата за корупција, на која како најкорумпирани земји во светот се споменуваат државите од регионот. Состојбата со корупцијата со години е непроменета. Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Косово и Македонија бележат пад во општата перцепција, а единствено Албанија бележи напредок за две места. Генерално, сите земји останаа таму каде што и беа, во групите на земји со најголема корупција. Во извештајот на ТИ се посочува на постоење на моќни поединци и групи што ја користат корупцијата како облик на креирање на националната политика, закони и економски правила, кои се во корист на приватните интереси на лицата високопозиционирани во власта. Ова се случува на сите нивоа на власт, од локална до централна, но и поради отсуство на ефикасна судска власт, која недоволно се посветува на случаите за висока корупција.