Според последната сеопфатна анализа на реномираната американска агенција „Блумберг“, следниот конфликт меѓу НАТО и Русија би можел да се случи токму овде, на Балканот, а во анализата се споменува и Македонија, и тоа како земја што последните години се соочува со руска пропаганда и разузнавачка активност како дел од т.н. московска стратегија на „замрзнати конфликти“.

Во текстот, меѓу другото, се предупредува и дека постои голем ризик од конфликт во опкружувањето и од засилување на меѓуетничките тензии првенствено во БиХ, кои дополнително се интензивираа минатата недела, кога министрите за надворешни работи на НАТО повторно ја активираа програмата што беше во мирување една деценија – Акцискиот план за членство на БиХ во НАТО. Агенцијата истакнува дека НАТО веќе еднаш годинава ја потисна Русија од борбата за влијание врз поранешниот комунистички источен дел на Европа и се подготвува за уште една пресметка – на местото на најголемото насилство на континентот од Втората светска војна, на Балканот. Во таа насока американската агенција „Блумберг“ потсетува дека многу е важно што поранешните југословенски републики Словенија, Хрватска и Црна Гора се веќе дел од НАТО, а Македонија е на пат да ѝ се придружи на Алијансата.

Случајно или не, на оваа тема вчера се огласи и државниот секретар на САД Мајк Помпео, по средбата со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос, во Вашингтон. Помпео истакна оти приемот на Македонија во НАТО ќе го намали руското влијание во регионот и нагласи дека САД го поддржуваат историскиот Преспански договор, уверен дека грчкото раководство ќе успее да го спроведе, со што, како што рече, ќе се зајакне грчката позиција на Балканот и ќе се намали руското влијание во регионот.

Во меѓувреме, домашните безбедносни експерти коментираат дека најавата за нов политички судир на двете традиционално најголеми суперсили директно и индиректно ги загрозува Македонија и нејзиното непосредно соседство. Сепак, тие сметаат дека ваквите западни анализи што предупредуваат на нови конфликти во регионот, треба добро да се изанализираат од владите во регионот, бидејќи неретко тие се предвестие за чекорите што големите сили, во овој случај Москва и Вашингтон, планираат да ги преземат овде.

Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов истакнува дека многу тешко може да се случат нови конфликти во регионот на кои предупредуваат овие странски анализи, иако тој не ја исклучува можноста тензиите на Косово, во Србија и во БиХ да резултираат со нереди на микролокациско ниво, поради што Македонија треба да биде будна.

– Руското влијание во Македонија е минимално. На прсти можат да се избројат тие што се сплотени со Москва овде. Во исто време сакам да истакнам дека во земјава не постои некое антируско расположение, кое може да влијае за или против процесот за пристапување во НАТО. Оттука треба да се земат со резерва овие предупредувања, иако мислам дека тие не доаѓаат случајно, особено во време кога во земјава се одвиваат уставните измени потребни за наше членство во Алијансата – вели Трајанов.
Тој подвлекува дека на Балканот никој никогаш не успеал да ги предвиди процесите што ќе се одвиваат, па, така, и оваа анализа на „Блумберг“ за него треба да подлежи на опсервација на стручните лица што се занимаваат со оваа тематика.