Неколку дена по избивањето на немирите на северот на Косово, меѓу приштинските власти и српската заедница околу српските регистарски таблички, не се смируваат тензиите и провокациите од двете страни и покрај гласните повици на меѓународната заедница за деескалација на состојбите

Продолжуваат тензиите меѓу Белград и Приштина

Четири дена откако се појавија тензиите на косовско-српската граница на северот од земјата, не се смируваа атмосферата ниту провокациите меѓу двете страни по одлуката на Приштина ненајавено да започне да ги отстранува српските регистарски таблички на возилата од северот на Косово, но и оние од централана Србија што влегуваат во земјата.
Состојбата е и понатаму критична и покрај сѐ погласните апели на меѓународната заедница за смирување на состојбата. Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, преку соопштение повика на итна деескалација на ситуацијата на северот на Косово и додаде дека секоја провокација или еднострана акција што е спротивна на интересите на луѓето во регионот мора да се избегнува.
– Ги повикуваме раководствата во Белград и во Приштина да преземат одговорен пристап и да работат преку дијалог со посредство на ЕУ, со цел да избегнат понатамошна ескалација, да воспостават мирна атмосфера и да работат на одржливи решенија. Во интерес на сите е да се бара начин за напредок, што овозможува слобода на движење и што го подобрува секојдневниот живот на луѓето – пишува во соопштението од Брисел.
Слично како ЕУ, и САД ги повикаа Косово и Србија да се воздржат веднаш, без никакво одложување, од еднострани дејства.
Руското министерството за надворешни работи вчера исто така изрази загриженост поради влошувањето на ситуацијата во Косово, оценувајќи дека дејствата на, како што се вели, привремените приштински институции, се провокации насочени кон протерување на Србите од автономната покраина.

– Многу сме вознемирени од влошувањето на ситуацијата во северните региони на српската автономна покраина Косово. Во суштина, тоа е обид на локалните Албанци да ги преземат областите населени со Срби и да воспостават своја контрола. Овие постапки ги сметаме за провокација чија цел е продолжување на етничкото чистење и протерување на Србите од Косово – се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Русија.
Во меѓувреме, наспроти повиците за смирување на состојбите, кои изминативе два-три дена доаѓаат еднакво и од Западот, но и Истокот, северниот дел на Косово и натаму наликува на конфликтна зона.
Ситуацијата е најкритична кај граничниот премин Брњак во Косово, каде што припадниците на специјалните единици на косовската полиција во вторникот вечерта се обиделе насилно да извлечат возач од автомобил со српски регистарски таблички на Косовска Митровица, по што насобраните Срби веднаш реагирале. Во инцидентот, според косовските медиуми, наводно, интервенирале и припадници на КФОР, кои ја смириле целата ситуација додека сѐ поголем број на Срби по случувањата започнале да се собираат на протестите околу тоа место.
Српската национална телевизија РТС пренесува дека главните магистрални патишта што водат кон граничните премини Јариње и Брњак и понатаму се блокирани со тешка механизација, која незадоволните Срби од Косово ја поставија некаде во понеделникот наутро.

Со цел да обезбеди целосна, навремена и веродостојна информација, весникот „Нова Македонија“, известувајќи за актуелните случувањата не многу далеку од границите на Македонија, во своја безбедносна анализа се консултираше со воени и безбедносни експерти. Нивното укажување за состојбите од северот на Косово, меѓу другото ја имаше забелешката дека македонските надлежни служби и соодветните институции треба внимателно да ги следат случувањата во соседството поради опасноста за прелевање на косовско-српските тензии.
Експертите со кои се консултиравме потенцираа дека нашето членство во Алијансата може да ни даде сигурност, но во исто време институциите треба со будни очи да ги следат од час на час немирите северно од нашата земја.
Во тој контекст, универзитетскиот професор Методи Хаџи-Јанев укажа и дека дел од замрзнатите конфликти на Балканот, меѓу кои е и оној помеѓу Косово и Србија, имаат сериозен капацитет да го дестабилизираат регионот, како и да предизвикаат посериозен конфликт, во кој би можеле да се вплеткаат и големите сили, бидејќи и едната и другата страна имаат геополитички двигател од една од големите светски сили.