Дводневната посета на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Белград беше проследено со големо медиумско внимание во Србија и во Босна и Херцеговина. Како круна на најновото „гостување“ на турскиот државник беше поставувањето камен-темелник за изградбата на автопатот Белград – Сараево, што следуваше по одржувањето на трилатералниот самит на кој присуствуваа и претседателите на Србија, Александар Вучиќ и членовите на Претседателството на БиХ Жељко Комшиќ, Милорад Додик и Шефик Џаферовиќ. Во новинарските извештаи, без исклучок, се информираше за „пријателската атмосфера“, која владееше на секој чекор од средбите меѓу српските и турските делегации на најразлични нивоа, кои протекоа во промоција на „мирот и стабилноста на регионот“. Домаќинот Александар Вучиќ сето тоа симболично го објасни со изјавата дека „сега првпат на еден состанок се цртале мапи на кои се поставувале линии на автопатишта и на пруги“.

Иако во текот на посетата на турскиот претседател доминираа темите од економијата и стопанската соработка, за што говори и амбициозната стопанска делегација на Турција од двесте стопанственици, во заднината се наѕираа политичките мотиви на двете земји. Неизбежно беше прашањето за продолжувањето на дијалогот меѓу Србија и Косово, за што српскиот претседател со задоволство го истакна ставот на Турција, дека таа ќе го поддржи секој договор што ќе биде постигнат меѓу двете страни.
Во текстот на „Дојче веле“ објавен по заминувањето на Ердоган од Белград, се забележува дека Босна и Херцеговина некако беше ставена понастрана од турските инвестиции, а тоа се темели на тоа што поголем број од турските инвестиции завршиле во Србија. Поддршката од Турција за БиХ се сведе на пораките за стабилизација и охрабрување. Економскиот аналитичар Мијат Лакичевиќ, во изјава за „Дојче веле“, вели дека БиХ, кога се говори за турските инвестиции, поминала слично како Санџак во Србија.

– Имаше многу ветувања за разни видови вложување и мислам дека луѓето таму се посебно разочарани, затоа што очекувањата во Санџак беа големи. Турските бизнисмени, во прв план, ги гледаат условите на пазарот и што можат да продадат. Србија е во многу лоши односи со соседите, а од друга страна тоа е сиромашен пазар, така што не е привлечна за вложување. Босна и Херцеговина има слични проблеми. Капиталот е внимателен и страшлив, а БиХ е политички трусно подрачје и уште помал пазар од Србија – вели Лакичевиќ.
За споменатиот автопат Белград – Сараево сѐ уште не е направен ни проект, а потоа следува и најтешката работа – како да се обезбедат средства за негова изградба, нагласува економскиот аналитичар.
– Гледаме како поминува тоа со кинеските инвестиции во Србија, а на крајот имаме малку економија, а многу маркетинг. Турција и самата е зафатена со значајна економска криза последните години, и таму е тешко да се најде капитал за нивните стопанственици за да инвестираат во Србија – додава Лакичевиќ.

Поради тоа, зад ветувањата и истакнувањето на економијата во прв план, во текот на посетата на Ердоган, се крие простиот факт дека сегашната политичка соработка меѓу двете земји е на многу пониско ниво. Двете земји си се потребни за да можат Вучиќ и Ердоган да стекнуваат политички поени. Клучниот момент за соработката меѓу Србија и Турција е поддршката на авторитарните политики во своите земји, заклучува аналитичарот за „Дојче веле“.