Оперативниот штаб за прашања поврзани со миграцијата во Босна и Херцеговина предупреди на нов бран бегалци сличен на оној од минатата година, кога во земјата илегално влегле 24.000 лица. Моментално во БиХ се наоѓаат 4.000 мигранти, кои се сместени во шест прифатни центри, а целта на Оперативниот штаб е нивниот број да се задржи на ова ниво во согласност со сместувачките капацитети, соопштија од Министерството за безбедност од БиХ.

Министерот за безбедност, Драган Мектиќ, кој присуствуваше на дводневната министерска конференција за Будимпештанскиот процес во Истанбул, го изнесе ставот на БиХ дека против миграцијата, која претставува глобален проблем, треба заеднички да се одговори на ниво на Европската Унија и на земјите од регионот.

– Поединечните мерки што ги преземаат државите не ги даваат очекуваните резултати, како и решенијата што се преземаат во земјите, кои се извор на миграцијата – вели Мектиќ.

Говорејќи за проблемите со мигрантите, тој побара од ЕУ и од земјите од Западен Балкан заеднички да се управува со овој процес и нагласи дека БиХ не смее да биде жртва во тој процес. Тој укажа и на проблемот со шверцување на луѓето и за постоење организирани криминални групи, кои го преземаат управувањето на бегалската балканска маршрута и незаконски заработуваат големи суми пари.

– БиХ се соочува и со дополнителен проблем затоа што се наоѓа на надворешните граници на ЕУ. Не сакаме нашата земја да остане жариште на постојани конфликти со мигрантите и локалното население – изјави Мектиќ.