Не е новина ако се каже дека медиумите во регионот се соочуваат со финансиски тешкотии и егзистенцијални проблеми, особено за време на корона-кризата. Но, како што пренесуваат босанските медиуми, овој товар од финансиска природа, по сѐ изгледа не може да го издржи јавниот сервис во БиХ. На националната телевизија БХРТ, поради долгови кон државата за струја, придонеси и здравствено осигурување кон вработените во висина од неверојатни 10 милиони евра, ѝ се заканува блокирање на сметката, но и престанок со работа.
Случајот со националната телевизија во БиХ може да биде и прв банкрот на еден јавен сервис во Европа. Како што наведуваат медиумите, причина за ваквата финансиска состојба на телевизијата е слабиот прилив од маркетинг за време на пандемијата, но и ниската наплата кај граѓаните на радиодифузната такса, која изнесува околу 3,8 евра.