Најмалку 11 лица беа сослушани во просториите на Министерството за внатрешни работи на Република Српска поради сомневање дека купуваат гласови на денешните избори во БиХ.

Таква информација објавија дел од медиумите во таа држава.

Притворените, наводно, продавале гласови во областа на Источното Сараево, Источно Ново Сараево, Пале, Хан Пјесак и Соколац. За тоа е известена и Централната изборна комисија и Обвинителството на БиХ.

Групата за набљудување „Под лупа“ објави дека околу 70 лажни набљудувачи се појавиле во областа на Лопар во РС, со лажни акредитации на избирачките места, обидувајќи се да ги истераат вистинските набљудувачи на таа организација.

Тие соопштија дека до 14 часот на гласачките места биле регистрирани 240 „критични ситуации”, од кои 88 се решени. Во Босна и Херцеговина денеска се одржуваат општи избори на трите нивоа на власта.