Министрите за надворешни работи на НАТО на денешниот состанок ја одобрија првата Годишна национална програма со што Босна и Херцеговина доби понуда за Акциски план за членство (МАП) во НАТО.

За исполнување на МАП-от во наредниот период ќе биде задолжен Советот на министри на БиХ, а посебно Министерството за одбрана на БиХ, Вооружените сили, но и целата држава, јавуваат босанските медиуми.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека безбедноста и стабилноста на Западен Балкан е најважна за НАТО, дека БиХ дава вреден придонес на операциите на Алијансата и оти во целост го поддржува патот на земјата кон евроатлантските интеграции.

МАП претставува програма за помош, практична поддршка и консултации наменета за подготовките на земјите за членство во НАТО. Реформите и подготовките вклучуваат пет области: политичка и економска, одбранбена и воена, финансиска, безбедносна и правни прашања.