Претставниците на бизнис-заедницата во регионот најавуваат формирање балкански деловен совет, кој на оперативно ниво ќе ги следи процесите за поголемо економско поврзување на земјите од Западен Балкан

За политичките елити поголемата економска поврзаност на земјите од Западен Балкан секогаш билa на врвот на приоритетите, а тоа многупати било истакнувано на разни меѓународни конференции и економски форуми. Но ваквите иницијативи секогаш брзо згаснувале по секоја одржана меѓународна конференција или бизнис-форум, поради неподготвеноста на националните влади да ги преточат во договори или законски акти, заради нивна реална имплементација. Неделава беше најавена уште една иницијатива, која потекнува од бизнис-секторот во земјите од регионот, за да влијае посилно на носителите на владините политики и политичарите на Балканот што сѐ уште не можат да ги надминат „националните“ политички бариери.
Претседателот на Коморско-инвестицискиот форум за Западен Балкан, Марко Чадеж, ја најави новата иницијатива за формирањето на деловниот совет, кој ќе се формира од заедничката регионална комора што ги опфаќа сите шест национални комори, кои ги претставуваат интересите на 400 илјади претпријатија во регионот.

Овој деловен совет ќе го следи напредокот во отстранувањето на пречките за поуспешно стопанисување во регионот, а за тоа ќе ги информира владите, наедно предлагајќи и мерки што ќе овозможат полесни релации и ќе ги намали трошоците во деловното работење.
Според Марко Чадеж, претседател на Стопанската комора на Србија, балканскиот деловен совет ќе го сочинуваат претставници и менаџери од 12-те најголеми компании од целиот регион, кои на оперативно ниво ќе ги следат постигнатите резултати во меѓусебната економска и трговска соработка. Нивните информации од „теренот“ ќе бидат редовно проследувани до министерствата и владите, како и до Секретаријатот на ЦЕФТА.

– Ние самите во регионот мора да ја преземеме одговорноста, без да ги чекаме сигналите од Брисел и од Вашингтон – порача Чадеж во панел-дискусијата во рамките на видеосамитот на лидерите од Западен Балкан, кој беше посветен на економската соработка, во организација на вашингтонскиот Атлантски совет.
Поттикнувањето на расправата за регионална економска интеграција на Западен Балкан е во функција на стопанското заздравување на регионот, а на која беше истакнато значењето за подобрување на бизнис-климата за компаниите во регионот и за инвеститорите од светот. Како дел од мерките што се предлагаат се: создавање предвидливо деловно опкружување, владеење на правото, унапредување на сообраќајната и енергетската инфраструктура, јакнење на приватниот сектор, пред сѐ со поддршка на малите и средните претпријатија, како и за преминување на дигитално дејствување на фирмите од регионот.

На последната видеоконференција претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, истакна дека нашата држава во целост ги поддржува предлозите за регионална соработка и во таа насока посочи дека економската агенда треба да има приоритет пред политичките или безбедносните прашања, кои долго време беа предмет на дискусија во регионот.
– Новите иницијативи е потребно да бидат комплементарни со постојните и да се во тесна врска со институционалните рамки за соработка во Европската Унија. Не смееме да дозволиме европската интеграција да остане далечна, затоа што ситуација кога нема напредок на европскиот пат не е поволна за развојот на Балканот – изјави претседателот Пендаровски.
Српскиот претседател Александар Вучиќ ја нагласи определбата на Србија побрзо да се развива регионалната соработка и за создавање подобро економско опкружување за сите земји од Западен Балкан.

– Дури и први да се приклучиме на ЕУ, ние ќе останеме во регионот и соработката со земјите од регионот ќе биде приоритет за Србија. Ако сами ги решиме нашите проблеми, сите ние ќе бидеме повеќе почитувани од ЕУ и од САД. Сите ние сме премали за да направиме нешто, но ако работиме заедно, можеме и да постигнеме нешто – изјави Вучиќ.
Тој потсети на фактот дека српските камиони чекаат на внатрешните граници 26 милиони часа годишно, а трошоците на фирмите може да се намалат до седум отсто доколку се отстранат бирократските процедури на границите.
За премиерот на Албанија, Еди Рама, иницијативата за малиот шенген, во услови на пандемија, е многу поважна за економијата од регионот.

– Јасно е дека секој што го комплицира овој процес со приговори, го прави тоа само од политички причини и од кратковидни политички ставови. Комплетна глупост е што не сме вклучени сите во ова, затоа што зборуваме за четирите слободи на Европската Унија – рече Рама на видеосамитот на шесте земји од Западен Балкан.
Тој додаде дека е значајна брзата имплементација на иницијативата за економска интеграција на регионот, што ќе бара подобар мониторинг на лидерите и партнерите, кои мора побрзо да го исполнат она што го ветија.