Повеќе земји во регионот, меѓу кои и БиХ, периодов и покрај проблемите од пандемијата, се обидуваат да ги возобноват бесцаринските слободни зони

РЕЦЕПТОТ НА БИХ ЗА СТРАНСКИ ДИРЕКТНИ ИНВЕСТИЦИИ

Неколку земји од Западен Балкан, меѓу кои и Босна и Херцеговина (БиХ), и покрај економските проблеми од пандемијата, планираат да отворат нови бесцарински слободни зони, каде што би можело да се вработат илјадници работници и тие годишно да генерираат извоз и по неколку стотици милиони евра.
Оваа информација неодамна ја публикуваше балканската медиумска филијала на „Ал џезира“, која во своја анализа на оваа тема напиша дека покрај старо-новата идеја на Сараево за возобновување на овие економски зони, базата на податоците на Меѓународната организација на трудот од 2006 говори дека во Хрватска и во Србија имало околу 3.500 вакви зони, кои значително придонеле за раст на економиите во тоа време.
Во меѓувреме, како што пренесуваат регионалните медиуми, Министерството за трговија на БиХ во моментов размислува за ширење на овие „бесцарински прерии“ и покрај четирите веќе постојни федерални слободни зони „Високо“, „Вогошча“, „Холц“ и „Херцеговина“ од Мостар.

Како што наведува „Ал џезира балканс“, овие економски зони на БиХ во 2020 година, покрај извозот на произведена стока наменета за странство вредна 150 милиони, во исто време оствариле приход од 21,5 милион евра.
Тоа, според експертите, преставува ветер во грб за економијата на земјата.
Помошник-министерката за надворешна трговија во Сојузното министерство за трговија, Дијана Шампара, смета дека немањето слободни зони во другите кантони на БиХ е последица на незаинтересираноста на правните и физичките лица за тие кантони. Таа истакна дека Федералното министерство за трговија е во процес на подготвување нов закон за слободни зони во Федерацијата на БиХ.
– За да се привлечат инвестиции во слободните зони, по предлог на Сојузното министерство за трговија, федералната влада на БиХ ја прифати иницијативата за измена на Правилникот за спроведување на Законот за ДДВ, предлагајќи му на Министерство за економија да започне процедура во Управата за индиректно оданочување (ИТА).

Целта на иницијативата е да се создадат услови за ослободување од ДДВ за струја, вода, гас или слично, неопходни за конечно производство на стоки на економските субјекти, кои се занимаваат со производствени активности во слободните зони – вели Шампара и нагласува дека иницијативата за отворање нови зони во земјата е резултат на економските позитивни показатели, кои ги дале веќе постојните.
Од друга страна, босанските медиуми исто така наведуваат дека сосема е јасно зошто прашањето за бесцаринските зони е поделено помеѓу различните нивоа на власта, но и јавноста во земјата.
Според медиумите, станува збор за бирократските проблеми околу издавање документи на инвеститорите во општините или кантоните, кои во меѓувреме играат голема улога во добивањето дозвола за градба на странците.
Тие пишуваат дека високата корупција меѓу сите нивоа на државниот апарат во земјата, но и бавната бирократија на државниот апарат околу потребната документација што им е неопходна на инвеститорите, со години ги одвраќа странските инвестиции од овие зони.